Тешко е, потешко не може да биде. Те разбирав досега. Сега, не можам да те разберам.
Најискрено, ама, и покрај се’, не можам да те разберам. Ги доби сите бонуси, сета доверба, ги голтнавме дури и оние најгорчливите залаци заради нормалноста во твојата очигледна добронамерност со која зрачеше дека ни обезбедуваш светла иднина. Дека не’ водиш во вистинскиот правец, кон ЕУ и НАТО, дека го полниш темелот на државата за да обезбедиш екеномски развој, работа за секој, европски плати, дека расчистуваш со вековните политички манипулатори препознатливи по акронимот ВМРО, го воспоставуваш соживотот со највисок степен на меѓусебна политичка доверба и почитување, како и добрососедството.
Се’ што направи до овој момент е на иста линија со оноа што и јас би го направил, нешто што лично го посакувам, а се вика: добрососедство, соживот, стандард и еднаквост за сите. Арно ама… Не те разбирам како можеш да се фокусираш само на презентација на економски проекти, програми, за да го постигнеш ветенето од 500 евра просечна плата во Република Северна Македонија и други социјални мерки, да најавуваш простување на застарени долгови од ЕВН, заради влезот на државата во НАТО, и, како тоа, речиси на секој твој јавен настап после успешната преспанска Нобелова идила, единствено што правиш е осврнувањето кон економијата, странските инвестиции, вработувањата, а никаде, бе, Зоки, ама баш никаде и со ништо те нема да се изјасниш за ПРАВДАТА.
Каде си да се изјасниш за флагрантната злоупотреба на Врховниот суд во неговите надлежности со толкувањето на автентичноста на Законот за СЈО? Каде се твоите пратеници да го оспорат ова арамбаштво на 17 врховни судии?
И на крај, другар мој, Заев, ништо во државава нема да постигнеш со влезот на РСМ во НАТО, ниту со влезот во ЕУ, ако сега, ама баш сега, се клајка, се растегнува, се разводнува законот за СЈО со единствена цел, да се пролонгираат судските реформи, за да не се расчисти со криминалот во поранешна Македонија.
Ништо, бе, Зоки, нема да постигнеш ниту во економијата, ниту во социјалата, ниту во образованието, во ниту еден друг државен сегмент, ако не се реализира правдата за која макотрпно веќе 4 години работи СЈО, заради правдата, заради вистината, заради граѓаните, заради нормалноста. Да, и заради тебе.
Да не беше ти доволно смел и храбар да ги објавиш бомбите, немаше да го има СЈО, ама немаше да те има и тебе на оваа позиција. Затоа, имам една многу принципиелна порака до тебе во ова веќе предизборно крекетање, вика вака: Ништо не ти е поприоритетно од воспоставувањето на правдата во државава. Иначе, Зоки, наеба ти, наебавме и ние. Ај за тебе, ама…
Поздрав, Боки Бургија…