Ајде сите да ги стреламе!

1181

Ги гледавме и во непосредното опкружување на Груевски и Фамилијата. Другите ги гледавме во сите можни ќошиња на системот, наведнати над своите кафиња и службени мобилни телефони за приватно-партиски работи. Дел од нив беа режимски функционери, а другите работеа за режимот за плата.

Ја сокрија членската книшка од СДСМ, па земаа членска книшка на ВМРО-ДПМНЕ. Навистина молчеа пред сета монструозност на режимот. Не им дозволуваа на своите деца да се приклучат кон отпорот, следејќи ги партиско-полициските наредби. Следејќи ги истите наредби, се качуваа во автобусите и учествуваа на митинзи и контра-протести. Зедоа кредити и заглавија до гуша. Некои потпишаа бланко меници со кои ја гарантираа својата послушност.

Правеа списоци на сигурни гласачи, почнувајќи од членовите на сопствените семејства и пријателите, па агитираа за партијата што ги закрепости. Учествуваа во добро разработени системи за изборна измама, купуваа гласови за 500 денари или вреќа брашно. Редовно плаќаа рекет, 10 или повеќе проценти од своите примања за партијата.

Извршуваа команди со затворени очи и газеа по лешеви.

Го правеа тоа, не од злоба, туку од страв, бидејќи беа ситни, силно зацврстени шрафчиња во машинеријата на Груевски и фамилијата. Го правеа тоа од немоќ да прогледаат. Не сакаа да прифатат дека платата што ја добиваат е за работа и служба во интерес на граѓанките и граѓаните, а не за партиско послушништво.

Беа дел од еден жесток, националистички и криминален систем што ги переше мозоците и внесуваше раздор и омраза кај сите, а најмногу кај децата и младите. Многумина од нив не се националисти, а се однесуваа како националисти. Многумина од нив не беа злобни и неморални, но му служеа на злобен и неморален систем што ги имаше сите одлики на нешто што се дефинира како организиран криминал.

Најубавите години од животот ги потрошија за да бидат безгласни букви, марионети во служба на криминалот. Потскокнаа весело и спремно да ги напуштат и онака опустените огништа од зафрлените села и гратчиња, па да станат функционерчиња во злосторничкото здружение на Груевски. И да кркаат дебели награди за својата послушност, а потоа да станат огорчени одмаздници, затоа што ги жртвувала мафијата на власт. Не за идеали (бидејќи за неа гинат будали, нели?), туку затоа што лично биле засегнати.

И сега се во системот, повеќето од нив. И продолжуваат со своите навики и создаваат слика дека сѐ е исто како порано. Мислат дека така треба. Или така им чини. Сведочиме за тоа како функционира пост-груевистичкиот систем. Многу ми е јасно и допрва ќе пишувам за тоа како сѐ уште функционираат институциите и претпријатијата (УЈП и водовод, на пример), во услови кога земјата сѐ уште не може да мрдне од мртвата точка во борбата против корупцијата, сѐ уште е поделена и тензична.

Но, сега доаѓа главното прашање… Што треба да направиме со сите што работеа во системот претходно и беа послушни на партијата? И оние што сѐ уште се во системот, во новата власт, со старите навики?

Ајде сите да ги стреламе! Да ја претвориме Македонија во едно масовно губилиште.

Или, да се обидеме сите заедно да ѝ погледнеме на вистината в очи, во сопствените души и да најдеме начин да излеземе од бескрајната спирала на омраза и поделби. Додека уште има време, да му дадеме шанса на помирувањето, за да дојдеме во ситуација да видиме правда. За сите. Без стрелање, туку со разговор. И владеење на правото. Можеме ли тоа да го направиме? Или ќе биде доволно ако само ја отвориме вратата за уште партиски војници и да ја продолжиме спиралата? Изборот е наш, ќе остане во Македонија. Сите останати ќе си заминат. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...