Ајде, правосудни реформи, мрднете!

2909

Погледнете ја нашата секојдневна реалност, по случаен избор од (некое) вчерашно издание: ДКСК покренува низа случаи за сомневања за корупција и криминали во кои се можеби вмешани актуелни политички, судски и други функционери; сè уште без договор помеѓу власта и опозицијата за Законот за обвинителството; меѓународната потерница за Груевски не се појавува на сајтот на Интерпол; роднини и пријатели на осудените терористи од „Диво насеље“ протестираат пред судот со карта на „Голема Албанија“; нови судски рочишта за 3-4 тековни случаи на СЈО; голема вечерна полициска акција со бројни приведувања во неколку скопски населби; главни вчерашни ѕвезди на ТВ се обвинителката Рускоска и полицискиот министер Спасовски…

Животот ни се сведе на судско-полициски билтен. Македонското општество се подели: третина полнолетни граѓани се членови на националниот судечки совет, втората третина се претвори во гигантска порота, а последната третина е онаа на која ѝ се суди. Две дузини адвокати шетаат наоколу и договараат разни ујдурми.

На памет ги знаеме имињата на третина обвинители и половина судии во државава, а на социјалните мрежи и мачките што се проѕеваат едвај привлекуваат поголемо внимание од вестите за некоја пресуда или апсење. Телевизиските дневници, кои ги следиме како вкочанети зајаци на автопат фатени во снопот на автомобилските фарови, ни личат на записници од сообраќајки со разни трагични последици, по кои има време само за две вести од спортот и за скратено издание на временската прогноза.

Ако ова, буквално, не е „јуридизација на политиката“, тогаш не знам што е?! Дури, од толку право, 90% од функционерите во државата се плашат да потпишат и набавки на тоалет-хартија, за да не прекршат некој член во правилникот за одење по голема нужда.

Грда е нашата општествена и политичка реалност. Баравме правда, за да има мир; добивме „црна хроника“ во илјада продолженија, а се нема чувство дека правдата (ќе) се испорачува така како што се надевавме: ефикасно и без протекции. Пред и по падот на режимот на Груевски се изградија „револуционерни“ очекувања за тоа како треба да се одвива спроведувањето на правдата во општеството, а забораваме дека нашата демократска промена на власта се случи „со пенкало“ и нејзиното натамошно „менување“ е предмет на долги и мачни преговори, гласања и прегласувања, а не на преврат во една ноќ во која „сметките“ се средуваат кога е најтемно, пред изгревањето на сонцето.

Спасот од сето ова е… Нема спас, барем не за оваа генерација. Така ќе продолжи нашето „оправање“ на 100 рати, додека не направиме систем кој самиот ќе се грижи за сопствена легална регенерација што ќе испорачува правда секојдневно и во „нормални“ количества, без да може да дојде до состојби на толкаво натрупување на „неправди“, што за нивното расчистување да бидат неопходни „револуционерни“ методи, пред на сите да ни „прекипи“.

Тоа е смислата на реформите на правосудниот систем. Тој е во основата и на стабилизацијата на политичкиот систем. Затоа е неопходно сега, откако добиваме малку простор за политика без притисок од избори, да се постават тие пусти реформи, за да почнеме со „нормализација“ на нашево секојдневие, барем за во некој среден рок животот да ни заличи на здодевна појава за арчење време.

Треба овој „зајак“ конечно да го мрднеме, пред да биде прегазен од фаровите што надоаѓаат. За да не мора потоа сè одново и од почеток да правиме.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...