Ајде на избори! Упс!

1292

Со масивни партиски инсталации буквално во секоја пора на системот…

Со катастрофален Избирачки список и Изборен законик преполн со недостатоци и дупки што го кршат правото на глас…

Со неспособни и корумпирани кадри што прават сѐ за да ги истиснат способните…

Со тешки криминалци што беа и на различни начини сѐ уште се на власт…

Со илјадна партиска војска акредитирана за „неутрално“ изборно набљудување…

Со недоволно обучени членови на избирачките одбори…

Со бавни и арогантни НВО фолиранти кои божем нешто помагаат во процесите…

Со клучни институции што со месеци се обезглавени и блокирани…

Со утврдена пракса никој на ништо да не реагира…

Со закони што се компромис меѓу апетитите и вистинските потреби…

Со политички пазарења што носат добро за малкумина, а зло за многумина.

Со (леви и десни) фашисти и радикали на кои медиумите и институциите им дадоа простор да дејствуваат против законите во име на „демократскиот баланс“…

Со големи и недемократски султан партии и опскурни ДООЕЛ партии…

Со залауфана „нова генерација“ лапачи и криминалци…

Со веќе сосема отворена и агресивна руска закана…

Со збунети и разочарани гласачи, со и без причина…

Со политички, етнички и верски тензии…

Ајде на избори! Упс!

Кој излезе со признание, ако не со решение, за овие состојби?

Долго и бавно самоубиство

Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ е во фаза на испробување на сите можни начини да го продолжи политичкиот живот на Фамилијата, па нека е тоа и по цена на самоубиство на партијата. Јасно е дека Фамилијата и нивниот гласноговорник Мицкоски во сите можни варијанти се губитници. Но, финансиите (кешот) и имотите со кои располагаат, а кои сѐ уште никој не ги чепнал посериозно, ќе им овозможат бескрајно долго и болно умирање не само ним, туку и на општеството и институциите.

Не само што не им се чепнати финансиите на лапачите и криминалците, туку сите сложно си поделија милиони евра годишни буџети со гласање на измените во Изборниот законик. А пропуштија да се погрижат за правото на глас што се гази од избори до избори! Веројатно, вемерето со тие пари ќе биде во состојба да си ја спаси грдата палата од активирање на хипотеката. Груевски и Фамилија имаат змија во џебот, не би трошеле „свои“ пари за добро на партијата. И ќе се пресмета (внатрешно) со секој интелектуалец и разумен човек што знае што е демократија и искрено сака да ја практикува. И ќе ја продолжи својата валкана политичка војна со нашите пари.

Со наши пари по наш грб

Да, ордата послушници на Фамилијата, со наши пари ќе нѐ викаат предавници, ќе шират невидена омраза, ќе повикуваат на етничко чистење, ќе ни ги пцујат семејствата и ќе плаќаат напумпани силеџии да се закануваат наоколу… Ќе ја минираат иднината на нашите семејства со наши пари. Законски. И тоа ќе го нарекуваат слобода на изразување. Полицијата ќе продолжи со пријавите, а обвинителите на тоа ќе одговорат со својот вообичаен, длабок молк.

Од триумф на проевропското мнозинство, институциите и неспособноста го претворија референдумот во материјал за пазарење и хистерично крескање на оние гниди за кои немам доволно зборови да го искажам своето гадење. Мислам на сите миленковци, мирки, чилиманковции, латасовци, бачевции, апашиевци, ивонки и други неранимајковци…

Но! Немам ни доволно зборови за осуда на оние (институции) што во нормална и демократска земја би преземале законски мерки да им се оневозможи просторот за нивното продолжено контаминирање на јавноста.

Крај за криминалната уцена

А може! Со решителни и брзи потези, со јасно искажана волја, може да се санираат барем главните проблеми. Со гаранции за максимално почитување на правото на глас. Со неколку непроспиени денови и ноќи и со чесност, искреност и посветеност… Знам дека ја има, само малку лошо е распоредена овие денови.

Е, тогаш, може да се спроведат и избори. Иако предвремени избори секогаш се тежок шок за секој систем, овој пат се подобро решение отколку неуспешни Пржински договори (и влади). Под услов системот да се доведе до минимум пристојно ниво: право на глас, санкции за опструкциите и незаконските постапки.

Да! Редно е да се свири крај за криминалната уцена од грст деструктивни ликови против мнозинството што остари чекајќи го животот. Редно е да се стави крај на лагите од било која страна и да доаѓаат. Макар и со вонредни избори.

Редно е да слушнеме барем едно ветување што ќе се оствари.

Макар да е тоа и Черчиловото „крв, пот и солзи“. Ако луѓето се почитуваат меѓу себе, ако не бидат ограбувани и понижувани, ако лидерите се отворени, чесни и еднакви со другите – сѐ може да се постигне. Може ли? Јас велам – ДА!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...