Кога ќе нѐ видат дека се движиме, не ни веруваат дека сме болни од мултиплекс склероза. Лекувањето на Клиниката за неврологија не е како што беше порано, се подобрија условите, но може уште подобро да биде за нас пациентите. Вработен сум во јавно претпијатие и за жал, не наидувам на разбирање кај работодавачите, ми правеа проблеми, ама јас не кревам раце, туку се борам. Извесно подобрување на состојбата имам и откако редовно почнав да одам во бања во Србија, рече Ацо Петровски од Скопје по повод одбележувањето на Светскиот ден на мултиплекс склероза – 30 мај.
Околу 1.500 лица во земјава се болни од мултиплекс склероза, додека во светот има повеќе од 2,3 милиони болни, но и стотици илјади недијагностицирани. Жените страдаат два-три пати почесто од мажите.
Скопјанка на околу 50-годишна возраст раскажа:
– Мене болеста ми ја открија за една недела, но има пациенти кај кои со години не успева да се постави точната дијагноза. На една скопјанка лекарите цели 9 години не ѝ дијагностицираа мултиплекс. На крајот, кога почнаа проблемите и со движењето, се посомневаа дека можеби е тоа.
На Клиниката за неврологија вкупно 491 пациент се на терапија од првата линија лекови.
– Кај дел од пациентите има брза прогресија на болеста и тие уште од почетокот се со инвалидитет. За првпат лани воведовме и терапија со моноклонални антитела, а буџетот ни беше зголемен за 36 отсто. Нашата установа треба почесто да биде вклучена во клинички студии. Кај пациентите треба да се зголемува и свеста за редовно земање на препишаните лекови, бидејќи дури 8,5 отсто дел од пациентите не ја примаат редовно терапијата – рече д-р Иван Барбов, директор на Клиниката.
Лани биле вклучени 13 пациенти на терапија со лекот „окрелимаб“, а годинава уште 43 треба да се лекуваат со овој препарат, кој е втора линија на терапијата.
Ана Карајанова Димитрушева, претседателка на Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултиплекс склероза, истакна дека и покрај напредокот треба да се унапредува грижата кон лицата со МС, во однос на навремена дијагностика, соодветен и современ третман преку зголемување на достапноста на високоефикасните и иновативни лекови.
Директорот на Фондот за здравство, Ден Дончев, изјави дека се зголемуваат средствата за нова и поефикасна терапија за овие пациенти, односно 51 милион денари се одделени за набавка на два нови иновативни лека за третман на болеста.
– Лековите за овие пациенти ќе поевтинат, за разлика од претходните години, па ќе може да се набават повеќе лекови. Како никогаш досега, Фондот излегува во пресрет на барањата – порача Дончев.
За жал, причината за оваа болест сѐ уште не е откриена и досега не постои лек со кој би се излекувала, постојат само лекови кои можат да им помогнат на овие лица да ја стават болеста под контрола, како и за подобрување на симптомите. Тоа е едно од најчестите невролошки нарушувања и причини за инвалидитет кај младите возрасни лица. Настанува кога имуниот систем ја напаѓа обвивката на нервните клетки во мозокот, рбетниот мозок и оптичките нерви, предизвикувајќи воспаление и дегенерација што води до прекин на преносот на сигналот од една нервна клетка до друга.