Ацевски и Минов во „Само вистина“: Што поширок консензус за името (ВИДЕО)

439

За прашањето за името треба сите партии во Македонија да се откажат од дневната политика и да се постигне што поширок национален консензус. Ова е заедничката позиција на пратениците Костадин Ацевски од СДСМ и Панчо Минов од ГРОМ.

Минов го повтори ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име, што не е став на партијата ГРОМ, која е за прекин на преговорите и за неменување на уставното име.

Минов кажа дека како опозиција не се задоволни од тоа колку се информирани за процесот на името.

– Не треба до толку да ги гледаме Грците и грчката страна, ние треба да се посветиме на внатрешната усогласеност – вели Минов.

Ацевски смета дека властите даваат доволно информации водејќи сметка да не се наруши процесот.

– На власта најлесно ѝ е да не го реши проблемот со името. Ќе си има изговор зошто нема реформи, зошто не сме во ЕУ и во НАТО… Најлесно е кога сте на власт да не преземете одговорност, а за сѐ да биде крив спорот со Грција – вели Ацевски.

Минов ја нападна владата дека нема направено ништо ниту во делот на економијата, социјалата, како и за земјоделието. Ацевски го бранеше направеното од Владата во делот на странските инвестиции, просечната и минималната плата, програмата за младите итн. Ацевски рече дека СДСМ не размислува за предвремени парламентарни избори а Минов рече дека опозицијата размислува и е подготвена за предвремени избори. Ацевски говореше за редовноста на исплатата на земјоделските субвенции и повратот на ДДВ кој е реализиран во 80 проценти.

– До 16 јуни на лозарите целосно ќе им биде исплатена реколтата за 2016-та година – соопшти Минов, кој тоа како што вели го договорил со Владата и дека и штетите од временските непогоди и штетите од мразот кои се делумно исплатени, ќе бидат доисплатени.

Погледнете ги најинтересните моменти од вечерашната емисија на „Само вистина“:

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...