Ах бре Мариово, нема кој да ужива во оваа убавина (ГАЛЕРИЈА)

1739

Ах бре Мариово, нема кој да ужива во оваа убавина. Ова беа дел од коментарите на одделни планинари за време на прекрасната планинарска акција која вчера се реализираше во битолско Мариово, со оглед на тоа што некогаш на овој простор селата биле полни со живот. Сега на убавините од овој крај му се воодушевуваат оние кои повремено или авантуристички поминуваат оттаму. Планинарите, најмногу. Додека пешачевме, ни раскажуваа за куќата на Калеш Анѓа во мариовското село Старавина, за планинарскиот дом кој се наоѓа веднаш спроти нејзината куќа и за многу други интересни животни приказни.

Околу двесте планинари од повеќе градови од земјава, вчера уживаа во битолско Мариово во рамките на планинарскиот марш по повод 7-ми Април, Денот на здравјето, во организација на планинарското друштво „Медикус“ од Битола.

– Секоја година имаме приближна бројка учесници кои доаѓаат да ги видат убавините на овој регион. Овој традиционален марш е деветнаесетти по ред – рече потпретседателот на „Медикус“, Пеце Кузмановски.

На дружењето низ Мариово се придружија и млади и стари. Стартувавме на околу пет километри пред селото Зовиќ, а пешачевме околу шест часа. Вкупната должина на патеката, која спаѓа во средно тешки тури, беше околу 15 километри.

Покрај убавините на Зовиќ и магичниот мост, кој ја премостува Градешка Река, сите љубители на природата уживаа и во свежиот воздух кој го нудеше местото Брен и селото Градешница.

На манастирот „Свети Илија“ во Брен, на традиционално планинарско гравче, ни се придружија и љубители на природата од Грција.

– Планинарењето не знае за политика. Планината е за сите, таа не е ниту на една политичка партија – нагласи Кузмановски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...