Не е предавство да ги сакаш земјите на другите, ѝ одговори министерката за труд и социјала на Грција, Ефи Ахциоглу на жена која ѝ дофрли дека „Македонија е грчка“ и „предавството нема да помине“.
На партискиот настан организиран од СИРИЗА во Солун, на кој одржа говор за работничките права, Ахциоглу даде изјава за медиумите и беше вербално нападната од една жена, додека одговараше на новинарско прашање поврзано со реакциите во Солун и Северна Грција поради Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.
– Не гледам нешто такво денес. Се наоѓам во Солун, во срцето на Солун – рече грчката министерка за труд кога ја прекина една жена и ѝ дофрли дека наскоро ќе ги види реакциите.
– Македонија е грчка. Една е и грчка. Предавството нема да помине. Вистинските Македонци ќе се одмаздат. Македонија ќе се одмазди. Срам да ви е. Вие сте предавници – довикуваше жената.
– Не е предавство да ги сакаш земјите на другите. Не е предавство да не ги мразиш земјите на другите – смирено одговори Ахциоглу.
Претходно, во говорот, министерката за труд и социјала се осврна и на Договорот од Преспа, споменувајќи го и во контекст на „движечка сила и катализатор за внатрешно политичките случувања во Грција и во однос на перспективите што ги отвора за двете земји.
– Договорот од Преспа веќе им овозможува на двете земји да соработуваат за стабилност и заедничкиот развој, во регион кој скапо ги плати иредентизмот и национализмот – рекла Ахциоглу, пренесе грчката новинска агенција АНА-МПА.
Воедно, упати критики до опозициската Нова демократија дека во македонското прашање „го допре дното и се идентификуваше до радикалната десница“.
– Граѓаните на оваа земја, граѓаните од Северна Грција, колку повеќе се информираат, толку повеќе ќе ја отфрлаат оваа радикална, екстремно десничарска линија на Нова демократија – истакнала министерката за труд на Грција, според АНА-МПА.
Паралелно со партискиот настан организиран од СИРИЗА, се одржа и протест против Договорот од Преспа кога се собра помала група граѓани кои со грчки знамиња извикуваа слогани дека Македонија е грчка.