Лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска, на средба со поранешниот премиер на Словенија Аленка Братушек, како и со словенечкиот амбасадор во Македонија Милан Јазбец, изрази уверување дека апсолутното мнозинство граѓани ќе ја поддржат интеграцијата во НАТО и ЕУ. Воедно ја покани опозицијата да се приклучи кон заокружувањето на процесот на интеграција, бидејќи нашите граѓани, како што рече, го очекуваат тоа.
Како што соопшти ДУИ, Ахмети ја информирал Братушек за последните случувања во земјата во врска со реформите и евро-атлантската интеграција, додека соговорниците разменија мислења за ситуацијата во регионот.
Ахмети го потврдил ставот на апсолутната подготвеност на Демократската унија за интеграција да придонесе кон исполнување на чекорите за целосна интеграција на Македонија во НАТО и во Европската унија.
– Единствената алтернатива за Македонија е евроатланската интеграција, систематските реформи, добрите меѓуетнички односи, борбата против корупцијата и криминалот. Сето ова е предуслов за економски развој и социјална благосостојба – истакнал лидерот на ДУИ.