Македонија се наоѓа на крај на заокружување на многу важен процес како што е тој за решавање на проблемот со уставното име што ја зајакнува стабилноста и гарантира мир за целиот регион, рече лидерот на ДУИ Али Ахмети во предновогодишниот говор.
Во ова прилика, Ахмети ја повика македонската и албанската опозиција да помогнат во овој процес, и истиот да не го користат за политички придобивки.
– Иако не сум лекар ќе се изразам така. На крајот сме од завршувањето на еден голем процес и тоа е исто како раѓање на дете. Мораме да бидеме внимателни да не го повредиме. Затоа се обраќам до опозициите од двете страни да не го злоупотребуваат процесот. Не е време за политички поени и градење на политички кариери. На 9 ти јануари ќе почне да се пишува најновата историја – рече Ахмети.
Тој најави дека за кратко ќе почне да се имплементира и законот за Албанскиот јазик кој се изгласа во Собранието но сеуште не е објавен во службен весник.
Лидерот на ДУИ зборуваше и за претседателските избори кои ќе се одржат на пролет следната година. Тој даде до знаење дека со коалицискиот партнер се на прав пат за да изнајдат име за претседател прифатлив за двете страни.
Ахмети говореше и за потребата за решавање на проблемот помеѓу Косово и Србија и ги охрабри страните тоа да го направат што поскоро.
– Единствената пречка за решавањето на овој проблем е Србија – рече Ахмети.