Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, имал информации дека убиените кај Смиљковско Езеро биле масакрирани. Тоа го откри тој денеска одговарајќи на парашања од обвинителката Фатиме Фетаи на рочиштето за „Монструм“. Фетаи го потсети Ахмети на разговор што тој го водел со Сафет Незири, поранешен генерален секретар на партијата два дена по петкратното убиство, во кој Ахмети барал Незири да оди на прес конференцијата за убиството и при тоа лидерот на ДУИ вели дека убиените биле класично стрелани.
Обвинителката Фетаи го праша Ахмети како дошол до овие информации.
– Информациите ги имав од органите, од институциите, бидејќи тие не биле само убиени, туку масакрирани – одговори Ахмети.
Потоа Фетаи го потсети сведокот и на друг разговор во кој тој вели дека „биолошкиот материјал не им припаѓа на луѓето во кои се сомневаат, со исклучок на луѓето, на двајца кои не се тука“.
Обвинителката повторно го праша Ахмети како знаел кои се луѓето што се осомничени, кога во тој период се водела предистрага.
– Јас секогаш сум повикувал без докази да не се обвинува никој. На тоа прашање сум го разговарал со секого – рече сведокот Ахмети додавајќи дека од медиумите дознал кои се осомничени и дека тоа го знаеле сите.
Горан Наќевски, татко на Александар, едно од убиените момчиња, го праша лидерот на ДУИ дали знаел дека Бујар Османи, кој исто така е повикан како сведок во „Монструм“, посетил дома еден од обвинетите. Станува збор за Хаки Азири.
– Чаир е мало место, секој со секого се знае. Не се сеќавам дека сум имал таква информација, не знам дали Османи бил дома кај Незири – рече Ахмети.
По ова родителот праша и дали Ахмети во приватни разговори со челниците на косовската Влада било кога досега како лидер на партија побарал да бидат екстрадирани избеганите на Косово, обвинети за убиството.
– Јас не сум ни обвинител, ни судија, јас сум институционална личност – рече Ахмети, објаснувајќи дека прашањето на екстрадицијата го воделе државните органи, а не се решавало со приватни разговори.
По ова родителот Наќевски забележа дека министрите за правда од ДУИ, во времето не сакале да потпишат барања за екстрадицијата на обвинетите.