Ахмети елегантно ги „реши“ Бејта, Мерко, Алити, Асани

Вчера била донесена и одлука потпретседателите на ДУИ Теута Арифи, Изет Меџити, Садула Дураку и Невзат Бејта, како и организацискиот секретар Артан Груби да бидат именувани за координатори на ниво на партијата. И тие не ќе може да претендираат на функцијата претседатели на ограноци.

17205

Лидрот на ДУИ Али Ахмети на елегантен начин ги тргна „вечните“ претседатели на партиските ограноци како Рамиз Мерко, Рафиз Алити, Невзат Бејта, Реси Абдурахмани, Беќир Асани…

На вчерашното Централно претседателство на партијата паднала одлука да се именуваат координатори на ограноците кои ќе треба да ги спроведат изборите на новите претседатели на ограноците во пресрет на партискиот конгрес, кој првично е планирано да се одржи во ноември, велат за Плусинфо функционери од ДУИ.

Дел актуелни претседатели на ограноци се именувани за координатори, но битно е дека координаторите во принцип не ќе може да претендираат за први луѓе на ограноците. Со ова партијата конечно ќе се ослободи од партиски функционери кои повеќе од 10 години беа на чело на ограноците.

Меѓу локалните партиски шерифи кои повеќе не ќе може да бидат на чело на ограноците се струшкиот градоначалник и претседател на огранокот Рамиз Мерко, тетовскиот Реси Абдурахмани, гостиварскиот Невзат Бејта, чаирскиот Беќир Асани и сарајскиот Рафиз Алити.

Вчера била донесена и одлука потпретседателите на ДУИ Теута Арифи, Изет Меџити, Садула Дураку и Невзат Бејта, како и организацискиот секретар Артан Груби да бидат именувани за координатори на ниво на партијата кои треба да ги спроведат изборите на сите 35 ограноци. И тие не ќе може да претендираат на функцијата претседатели на ограноци.

Внатрепартиските избори се очекува да завршат до септември, а во ноември да се оддржи конгресот на ДУИ.

Последниот конгрес на партијата на Али Ахмети беше тематски. Ова значи дека нови претседатели на ограноците партијата не избрала уште од 2014 година, а дел од нив сѐ уште се актуелните претседатели на ограноци и со нив раководат во неколку мандати. Во ноември лани им истече мандатот на сите претседатели на ограноци.

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...