По средбата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со владиниот партнер Зоран Заев, за можноста на претседателските избори да настапат со заеднички кандидат, Плусинфо дознава дека Ахмети се сретнал со лидерот на ДПА, Мендух Тачи и телефонски разговарал со лидерите на Алтернатива на Африм Гаши и НДП на Весел Мемеди.
Според партиски информации, Ахмети со тројцата лидери од владината коалиција, се координирале и разговарале како да настапат на претстојните претседателски избори.
Ова значи дека Ахмети игра и на резервна карта, односно дека доколку пропаднат разговорите со Заев за консензуален претседателски кандидат, голема е веројатноста албанскиот владејачки блок на изборите да истрча со заеднички кандидат Албанец.
Според партиски извори, засега еднакви се шансите да се постигне договор и владината коалиција да излезе со заеднички кандидат, како и таа албанскиот владеачки блок на изборите да трча со свој кандидат.
Која од опциите ќе натежне, ќе зависи од личноста која ќе биде ставена на маса, како кандидат за претседател на државата.