Под мотото „Заедно за европска Македонија“, Демократската унија за интеграција вечерва во Дебар одржа средба со граѓани во рамки на кампањата за референдумот што ќе се одржи на 30 септември.
– Се наоѓаме во многу деликатно време, треба да направиме потребни анализи за да на 30 септември не бидеме губитници туку победници. Треба сите храбро да работиме и на 30 септември масовно да излеземе и да го дадеме својот глас „за“, бидејќи гласаме за мир, стабилност, безбедност, подобри меѓуетнички односи, економски развој, подобра иднина за сите – порача пред дебрани лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Овој референдум, посочи Ахмети, е обединувачки за Македонците и Албанците затоа што по првпат имаат заедничка кауза, а тоа е членството во ЕУ и НАТО.
– Со договорот не се губи идентитетот, ни државноста, ни јазикот. И Албанците не го губат идентитетот, како што некој сака да прикаже. Напротив, со зачленувањето во НАТО и ЕУ нашата држава се засилува, идентитетот се зацврстува додека надвор од НАТО и ЕУ оваа држава не нѝ може да преживее. Ова е историски миг, затоа што се одлучува за нашата иднина. Затоа ве повикувам да им речеме „не“ на оние кои не и го посакуваат доброто на Македонија – рече Ахмети.