Ахмети го свика Централното претседателство, ќе се разговара за претседателските и внатрепартиските избори

372

Лидерот на ДУИ Али Ахмети попладнево во 16 часот ќе ги свика сопартијците на Централно претседателство во Мала Речица, брифира за Плусинфо функционер на ДУИ.

Највисокиот партиски орган на ДУИ ќе расправа за потребата од внатрепартиски избори во пресрет на партискиот Конгрес. Според функционерот интегративците ќе расправаат за избор на претседатели на ограноците.

Тема во Мала Речица ќе бидат и претседателските ибори, односно концептот за консензуален претседателски кандидат и разговорите со владиниот партнер СДСМ за заеднички настап на изборите за шеф на државата.

Ќе се разговара и за можните предвремени парламентарни избори, иако како што вели функционерот, тоа не е тема и се очекува да биде реафирмиран ставот дека ДУИ е против парламентарни избори во интерес на реформите.

Партијата ќе расправа и за актуелната политичка ситуација во земјава.

Заканата на вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи до медиумите нема да биде тема на состанокот. ДУИ стои зад вицепремиерот и смета дека тој не им се заканил на медиумите кои според партијата, пласирале лажни вести инволвирајќи функционери на ДУИ во скандалот со ПИОМ. Ова, според функционерот многу и наштетило на партијата.

Османи вчера на прес конференција побара медиумите во рок од 24 часа да се извинат на ДУИ, во спротивно најави дека ќе ги тужи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...