Ахмети го отвори патот за двојни избори

По одлуката на ДУИ да излезе со свој претседателски кандидат сега има шанси за парламентарни избори, вели за Плусинфо висок функционер на СДСМ.

5195

Во пакет претседателски и предвремени парламентарни избори ќе има во Македонија напролет. Ова според високи функционери од СДСМ и од ДУИ, е сѐ поизвесното сценарио откако пропадна обидот Зоран Заев и Али Ахмети да истрчаат со консензуален кандидат за шеф на државата.

Пресвртот дали ќе се оди на двојни избори го навести синоќа одлуката на ДУИ да излезе со свој кандидат за претседател на државата, а ово го отвора патот за предвремени парламентарни избори, иако безмалку до вчера интегративците беа на позициите дека поради реформите не е време за избори.

Високи функционери од СДСМ и од ДУИ за Плусинфо потврдија дека сега двојните избори се речиси извесна опција.

– По одлуката на ДУИ сега има шанси за парламентарни избори. Кога секој си оди со свој кандидат тогаш ќе бидат од помош парламентарните избори и за успешен избор на претседател на државата. Парламентарните да бидат во вториот круг на претседателските избори – вели висок функционер на СДСМ.

На последниот состанок, одлуката да пресече дали ќе има двојни избори СДСМ ја остави на Извршниот одбор, откако во партијата има поделени ставови дали сега е време да се оди и на парламентарни избори.

Од ДУИ велат дека Ахмети вчера на Централното претседателство излегол со позицијата ДУИ да истрча со свој претседателски кандидат и доколку се договорат партиите на Албанците да застанат зад еден кандидат за шеф на државата. Ова едногласно било поддржано од Претседателството.

Ахмети се откажал од консензуалниот кандидат откако, како што брифираат членови на претседателството, СДСМ со неколку изјави и потези навестило дека не сака заеднички кандидат.

Потпретседателот на СДСМ Мухамед Зеќири пред неколку дена јавно ја повика ДУИ да предложи своја листа на кандидати за претседател. Вакви прозивки до Ахмети стасаа и од Алијансата за Албанците и од Беса на Билал Касами.

Втор момент, брифираат од ДУИ, е закажаниот конгрес на СДСМ за избор на претседателски кандидат. Ова за ДУИ бил јасен сигнал дека СДСМ нема намера за претседателскиот кандидат да се консултира со интегративците, а партијата на Ахмети пак, нема намера да застане зад партиско решение на Заев. Тука впрочем и пукнала тиквата за можноста за консензуален кандидат.

Од друга страна ДУИ со одлуката да излезе со свој кандидат, како што велат од Централното претседателство, ќе ги замолчи прозивките од Алијансата на Села и од Беса дека играат во корист на македонскиот политички блок кога станува збор за претседател на државата. Ова пак, отвора можност албанскиот политички блок да застане зад еден кандидат за претседател. Вакви понуди веќе има и од Села и од Касами. По одлуката на ДУИ да не трча на изборите со консензуален кандидат, очекувањата се и ДПА на Мендух Тачи и Беса на Африм Гаши да излезат со свои кандидати или да застанат зад заеднички кандидат Албанец.

Според наши извори, Ахмети деновиве се очекува да има средби со лидерите на партиите на Албанците по што ќе биде појасно дали албанскиот блок ќе понуди заеднички кандидат за шеф на државата.

Калкулациите на Ахмети се дека во таков случај ќе нема Албанец кој ќе гласа за кандидатот на СДСМ без оглед дали тој ќе биде тврдо партиско решение или натпартиско решение. Според математиките на албанскиот политички блок, заедничкиот кандидат, кој би бил непартиски, би можел да обезбеди влез во вториот круг на претседателските избори. Тоа би било првпат во плурална Македонија трката за шеф на државата да се води помеѓу кандидати од македонскиот и албанскиот политички блок.

Во пореална ситуација на битка за претседател меѓу кандидатите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, албанскиот политички блок дебело ќе ја наплати поддршката на кандидатот за претседател од СДСМ, со ново отворање на Уставот, за избор на претседател во Собранието, потпретседател на шефот на државата и други отворени прашања за Албанците.

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...