Денеска се одбележува 16-годишнината од основањето на Демократската унија за интеграција.
„Оваа годишнина ја наоѓа ДУИ со завиден биланс – со 12 последователни победи во сите изборни процеси во земјата, 4 конгреси од кои 3 изборни и 1 тематски, со илјадници вработени во администрацијата и приватниот сектор, со слободни економски зони во Струга, Кичево, Тетово, Скопје, со гасификација започната во Скопје, Тетово и Гостивар, со многу изградени патишта и некои кои сѐ уште се градат, автопатот Кичево – Струга, со заеднички владини средби со Косово и Албанија, со енергетска поврзаност со Албанија, како и со преминување на границата со Косово и Албанија без пасош, со исцртана граница со Косово и признавање на косовската независност, албанскиот театар во Скопје, тетовската библиотека и театар, Музејот во Битола и Музејот на слободата, Државниот ансамбл на албански песни и ора, Меморијалниот центар на Албанската мајка во Зајас, но и со конкретни проекти за водоснабдување во нашите населени места, ургентен центар во Тетово и други болнички центри, земјоделски субвенции, образовни стипендии и безброј други проекти“, се наведува во соопштението од лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Оваа 16-та годишнина, наведува тој, го означува заклучокот од тематското делување на Демократската Унија за Интеграција, која започна со уставните промени во согласност со Охридскиот договор, територијалната поделба, националните симболи, фер и правичната застапеност во државните институции, предводење на клучни функции во државата како претседател на Собрание, државен правобранител, народен правобранител, министер за одбрана, министер за внатрешни работи итн., заокружувајќи ја целосната инфраструктура во високото образование со легализација на ДУТ, отворањето на нови факултети и студенски домови, како и основањето на вториот албански државен универзитет во Скопје, заедно со многу училишта, детски градинки, спортски сали, плоштадите „Скендербег“, „Илирија“, на знамето, спомениците на Скендербег, Хасан Приштина, Иса Болетини, Јосиф Багери, Неџат Аголи, Пјетер Богдани, но и со институционалното одбележување на 100-годишнината од азбуката, 100-тиот роденден на Мајка Тереза и 100-тата годишнина од знамето, и исто така статусот на земја-кандидат за членство во ЕУ, визната либерализација со земјите на ЕУ, отворање висок дијалог за пристапување во ЕУ и препораки за отворање на преговори, затворање на спорот со Бугарија и сѐ до целосното официјализирање на употребата на албанскиот јазик и на работ на решавање на прашањето за името што ќе овозможи датум за почеток на преговорите со Европската унија и покана за влез во НАТО.
„Секој ден во овие 16 години го развиваме угледот на достоинствен претставник на граѓаните и го одржуваме силното партиско единство и колегијалната солидарност, без да ги заборавиме вредностите и потеклото со коишто го започнавме ова патување, ослободителните напори за слобода и целосна еднаквост“, се додава во пораката од Ахмети.
Тој со жалење констатира дека и оваа годишнина наидува на фрагментирана албанска сцена со тенденција за понатамошно продлабочување на поделбата на Албанците во безброј партии.
„Убедени сме дека оваа агенда за парцијализирање и слабеење на нашиот политички потенцијал во земјата мора да заврши и ние остануваме посветени на принципот дека на Албанците во Македонија не им требаат повеќе од две политички партии за да се постигне оптимална застапеност и реализација. Поделбата на албанскиот глас во многу партии, парцијалното и маалско претставување а не генерално, нѐ прави безначајни и несериозни дома и пред меѓународната заедница“, наведува лидерот на ДУИ.