Со викотници и удирање по маса лидерот на ДУИ Али Ахмети изрази незадоволство и лутина дека има многу партии на Албанците. Ахмети одамна укажува дека според него, има премногу партии на Албанците во Македонија и дека со тоа се губи гласот на Албанците, односно се намалува бројот на пратениците Албанци.
По вчерашната лидерска средба кај шефот на државата Стево Пендаровски, вицепремиерот Бујар Османи реобјави интервју на Ахмети за емисијата „Клик плус“ на ТВ21, каде лидерот на ДУИ има видно нервозен настап, наспроти водителот кој зачудено го гледаше. Под видеото Османи напиша – лидер.
На состанокот кај Пендаровски беа присутни лидери и претставници на пет партии на Албанците, наспроти двајцата македонски лидери Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
– Да се освестат и да ги обединат Албанците, а не да ги поделат. Срам ми е да одам на средби со шест делегации на партии на Албанците и велиме дека сме Албанци со образование, со универзитети. Какви универзитети имаме? Какво образование имаме? Срамно е за Албанците, шест албански делегации се таму, а само две македонски, една на власта и една на опозицијата. Доаѓа Беса со шестмина оти не си веруваат меѓусебе, доаѓа Села со три-четворица, доаѓа, доаѓа Тачи со двајца, тројца, Али Ахмети со двајца, тројца, доаѓа Гзим Острени со двајца, тројца. Ова е срамно, и ми велите мене дека јас сум ги навредил. Со престапници веќе нема да седам и мислам дека имам морално и национално право да им се обратам на Албанците дека не ни требаат 10 партии. Шест партии, а 10 мандати. Ја повикав цела опозиција на Албанците да биде против ДУИ, затоа што Албанците ќе изгубат и тоа се случи. Изгубија 10 пратеници. Многу сме поделени… поделени се семејствата. 1000 ваму, 1000 таму. Сите сакаат да станат први – вели Ахмети.