Лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска изјави дека ниту ги слушал, ниту има намера да ги слуша прислушуваните разговори што беа објавени на Фејсбук профилот „Ел Чека“. Ахмети во обраќањето на одбележувањето на 17-годишнината од основањето на ДУИ, кажа дека во државата има надлежни органи кои треба да спроведат истрага и да го расчистат случајот.
– Во оваа држава има органи и ние побаравме да се отвори истрага, но не да се употребуваат и злоупотребуваат на црниот пазар прислушувани приватни разговори кои се продавале на Бит-пазар, во Софија, Истанбул… Зошто не се објавуваат службени разговори на Али Ахмети? Зарем за 17 години јас немам службени разговори со ниту еден функционер? Но не, не се објавуваат службени разговори. Но, и овие работи ќе поминат, затоа што луѓето не се занимаваат со бескорисни работи – рече Ахмети.
Ахмети побара судските органи да не спроведуваат селективна правда, не само во овој случај, туку и во сите други случаи.
– Оваа земја има потреба од правда, а не да се молчи пред работите што бараат ред и решенија.
ФОТО: EPA / VALDRIN XHEMAJ