Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) најостро ги демантира наводите од денешното соопштение на неформалната група граѓани и организации „Коалиција против ГМО“ во врска со изјавите на директорот на АХВ Зоран Атанасов дадени во емисијата Отворено студио на ТВ 1, во врска со ГМО храната.
Во продолжение демантот од Агенцијата за храна и ветеринарство:
„Како одговорна институција за безбедноста на храната, ја информираме јавноста дека сите наводи изнесени во соопштението се невистинити и голем дел се однесуваат на надлежности на други институции, а не на Агенцијата за храна и ветеринарство.
АХВ е надлежна за уредување на легислативата и контролата на ГМО храната и ГМО храната за животни, но, не и за одобрување и пуштање во промет на ГМО семињата, ниту за култивацијата и одгледувањето на култури кои се генетски модифицирани. АХВ не е надлежна институција ниту за контрола на влијанието на овие генетски модифицирани култури врз животната средина и врз диверзитетот во природата.
Сите посочени линкови во соопштението се однесуваат на штетни ефекти врз здравјето на луѓето, но, од употреба на одредени пестициди, за кои се знае дека нивната прекумерна или несоодветна употреба има штетни последици. Одобрувањето на пестицидите не е надлежност на Агенцијата.
Дел од посочените линкови упатуваат на научни трудови кои се поврзани со употребата на пестицидите, а не со употребата на ГМО храната и ГМО храната за животни. Некои од линковите се само информации од написи непоткрепени со научни сознанија, но, и тие зборуваат за штетни ефекти врз здравјето на луѓето од употребата на одредени пестициди, не за ГМО.
Европската агенција за безбедност на храната ЕФСА учествува во проценка на ризикот која е дел од процедурата за одобрување на генетски модифицираниот производ во рамки на Европската комисија, а се однесува на растение кое може да се култивира и чија намена е стриктно определена во самата авторизација/одобрение, односно определено е дали културата која е генетски модифицирана ќе се користи за храна или како храна за исхрана на животни.
За употребата на ГМО храната која е авторизирана/одобрена, а се користи во исхраната на луѓето нема научни докази дека влијае негативно врз здравјето.“, се вели во демантот.