Агенцијата за храна и ветеринарство информира дека досега преку Системот за брзо предупредување за храна и храна за исхрана на животни (РАССФ) на Европската унија, нема добиено нотификација дека на пазарот на нашата земја се пласирани небезбедни мандарини, вклучително и мандарини кои се увезуваат од Република Турција.
Ова Агенцијата го соопшти откако беа објавени информации дека Република Српска забранила увоз на мандарини од Турција поради високо присуство на пестициди.
АХВ тврди дека нејзините инспекциски служби вршат континуирани контроли и на пратките со цитрусно овошје кои се увезуваат во земјава, вклучително и на увозот на мандарини од Република Турција.
Во рамки на контролите при увоз и на овој тип овошје,појаснуваат од АХВ, по потреба, се земаат мостри за лабораториско испитување, вклучително и за евентуално утврдување на присуство на пестицидот поради кој била изречена забраната за увоз на мандарини по потекло од Република Турција во Република Српска.
„Пратки со посоченото цитрусно овошје од Турција во земјава, лабораториски се тестирани во месец декември 2018 година, а во фаза на лабораториско тестирање се и мострите кои инспекторите за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство ги земаа овој месец. Во испитаните мостри во декември 2018 година, не се утврдени отстапувања во поглед на безбедносните критериуми за цитрусното овошје“, соопшти АХВ.
Оттаму и со тврдење дека досегашните, со години извршени испитувања на безбедноста на цитрусното овошје, покажуваат резултати во граници на дозволеното поради што не се изречени ниту забрани за увоз.
Минатата година во земјава биле увезени повеќе од 8,6 милиони килограми мандарини, најмногу од Турција и соседна Грција.