– По годинашниот јубилеен 20-ти фестивал „Ин Виница Веритас“, каде ја промовиравме книгата на нашиот соработник Миле Ѓорѓијоски „Трагачи по парадокси“, еве имаме доста добри вибрации од сатиричарите не само од нашата држава, туку и од целиот регион, па така Миле ја доби наградата „Екселенција Сатира“ што се доделува во чест на писателот Радое Домановиќ, рече градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.
За Ѓорѓијоски наградата е големо признание за македонската сатира.
– Горд сум на оваа награда бидејки ова не е само лично признание за мојата работа како сатиричар, ова е признание за македонската сатира, најмногу и за Советот на фестивалот „Ин Виница Веритас“ и градот Виница со кој веќе 25 години имаме успешна соработка. Се надевам дека оваа наша соработка ќе продолжи и ќе имаме уште многу книги од областа на сатирата, рече Ѓорѓијоски.
Освен спомнатата награда Ѓорѓијоски е добитник на уште неколку награди, меѓу кои „Златна чивија“ за афоризам во 2013 и 2018 година, „Хумореска на годината“ од белградскиот Јежев хумор, а добитник е и на златна, сребрена и бронзена плакета за еротски афоризми и други признанија.