Атанасов: Мукоски беше агресивен и најубедлив во заканите

1371

Во мојата глава сѐ уште ги слушам зборовите на некои од пратениците кои со недели ни се закануваа од говорницата и кажуваа дека работиме против народот, дека народот го губи трпението, дека народот ќе ги земе работите во свои раце.

Најсугестивен во своите закани беше пратеникот Крсто Мукоски кој беше најубедлив во своите закани и агресивното однесување. Заканите спрема нас со недели претходно, пред Собранието да има 1.000 луѓе кои стојат на дистанца и за 20 минути се додаваат групи на луѓе кои ги гледаме во Собранието… Сета оваа приказна личи дека има поврзаност. Кој наредувал што треба да се случи, кој е креатор, не знам. Можеби луѓето кои седат овде треба еднаш чесно да ѝ кажат на јавноста што било претходно, кој го организирал ова, што било планот и што требало потоа да се случува. Јас знам дека можеби некој од овие луѓе се нашол на погрешно место, некои пак во вистинско време.

Ова е дел од сведочењето на заменик министерот за образование и наука, Петар Атанасов кој на 27 април лани во Собранието беше пратеник.

Целата ситуација на крвавиот четврток, рече тој, му наликувала како целта да била физичко онеспособување на Зоран Заев, па дури и негова ликвидација.

За време на упадот во Собранието тој бил на галеријата од прес салата, а потоа се симнал во долниот дел и бил последен од пратениците кои влегле преку вратата во прес центарот.

– Влегоа во прес салата. Веднаш се забележа дека беа насочени кон Зоран Заев, се упатуваа кон него. Тој стоеше во средина на салата со неколку луѓе околу него, јас бев од левата страна. Бев турнат, паднат од страната, Заев со неколку луѓе се повлече во ќошот. Успеав да се исправам и во тој момент до мене беше една од пратеничките повредена, се жалеше на страшни болки и се обидов да ѝ помогнам. Полека се обидовме да излеземе. Напред имаше многу луѓе, со знамиња, со стапови, цело време се галамеше, се викаше. Еден човек на 30-тина години ми помогна да ја симнеме пратеничката по скалите. Откако ја симнавме, кажав дека пред нас ја носат повредена Радмила Шекеринска и ни рекоа да одиме по нив најверојатно во амбулантата на Собранието. Следните 2 саати бевме тука  – раскажа Атанасов.

Во амбулантата дошол и шефот на внатрешното собраниско обезбедување кој се жалел на болки. Повеќе луѓе доаѓале и му се обраќале на шефот прашувајќи што се случува, зошто нема луѓе, зошто имало само 10-тина луѓе од обезбедивањето.

За Шекеринска, пак, кажа Атанасов, дека била бледа, а перницата ѝ била целата во крв.

Во собраниската амбуланта дошол и Никола Тодоров кој прашал по кого да евакуираат прво, а Шекеринска му рекла по шефот на обезбедувањето. По половина час ја евакуирале и неа.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...