Со примената на контрола при увозот врз основа на проценка на ризик, Агенцијата за храна и ветеринарство ги поедностави процедурите за увоз при што се намали времето потребно за контрола на граничните премини, а се зголеми оптималната употреба на персоналот на граничните премини изјави во дискусија директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, на Регионалниот настан за мерење на достигнувањата на агенциите кои се наоѓаaт на граничните премини.
– За 92 отсто е намален вкупниот број на земени примероци на храна од животинско потекло во 2018 година споредбено со 2014 година. Во 2017 година, земени се за 62 проценти помалку мостри од храна од неживотинско потекло во споредба 2014 година, а притоа постигната е поголема заштита на здравјето на луѓето и животните преку точно насочените (таргетирани) инспекциски контроли – рече Атанасов.
Ваквата практика, додаде тој, значи дека со помал број земени мостри откриени се поголем број на пратки кои не ги исполнуваат законските барања. На ваков начин, направени се и финансиски заштеди во буџетот на државата.
– Бенефит од ваквиот начин на контрола на граничните премини имаат и увозниците. Ним им се намалени финансиските давачки поврзани со увозот, а се постигнува и побрз проток на производите кои се увезуваат – истакна тој.
Атанасов даде позитивна оценка на ваквиот начин на вршење на инспекциски контроли на граничните премини и ги повика сите земји во регионот, посебно за земјите членки на ЦЕФТА и оние кои се во процес на ЕУ интеграција да го имплементираат овој модел на контрола при увоз.