Астматичарите секој месец се во трка по аптеките барајќи спрејови на рецепт, па Здружението на пулмолози бара Фондот за здравство оваа терапија да ја стави вон месечната квота со лекови. Во земјата има од 80.000 до 100.000 лица со астма, а за пациентите кои се со тешки форми на болеста недостига биолошката терапија, која уште не е на позитивната листа, предупредија на денешниот Светски ден за борба против астмата, на прес-конференција на Клиниката за пулмологија и алергологија, каде присуствуваа лекари од сите Здруженија и клиники кои ги лекуваат овие болни.
Во светот 338 милиони лица се со оваа дијагноза, при која се чувствува „жед за воздух“, а ги засега сите возрасни групи и е сериозен медицински, економски и социјален проблем. Кај нас во последниве години поновите спрејови се на позитивната листа, но има проблеми со земање на истите на рецепт.
– Благодарение токму на оваа терапија, болните денеска се со помали здравствени проблеми и има помалку хоспитализирани, а тежок случај немаме повеќе од 15 години. Нашите напори ќе продолжат и натаму да издејствуваме и болните со тешка форма на астма да ја добијат терапијата. Има проблем со кој ние секодневно се соочуваме – пациентите ни се жалат дека иако одат аптека до аптека барајќи ја инхалаторната терапија на рецепт, често не ја наоѓаат. Апелираме Фондот истата да ја изземе од месечните квоти со лекови, за постојано да ја има. За жал, немаме никаков позитивен одговор од Фондот за ова барање, а залудно е ние да им препишуваме терапија, а болните да талкаат по аптеки и да не ја наоѓаат на рецепт. За астмата да се држи под контрола, многу е важно лековите континуирано да се земаат – нагласи проф.д-р Бисерка Ќаева, пулмолог на Клиниката и претседателка на Македонското здружение на пулмолози.
Со тест до подобра контрола на болеста
Астмата е болест која може да се појави токму напролет, а важно е навреме да се открие.
Од 2000 пациенти што се пријавени кај матичен лекар, дури 80 имаат астма, а само половина се дијагностицирани, додека останатите не се контролираат воопшто.
– Секој пациент со својот лекар да направи план за да ги намали ризиците и да ги контролира симптомите, а една од алатките е тестот, чии резултати се добар патоказ дали астмата е под контрола. Апел до пациентите да направат стратегија со лекарите за самоконтрола, кога ќе се влоши состојбата, да знае кои лекови да ги користи. Ако се влошат симпомите, да се јави во првата установа на преглед – порача д-р Горица Брешковска, пулмолог на Клиниката.
Пациентите со астма на вакви прашалници – тестови ќе може да одговорат во секоја ординација кај матичните лекари, но и на клиника, по што ќе знаат дали болеста ја држат под контрола или не.
За среќа, 15 години нема смртен случај од астма
В.д. директорот на Клиниката за пулмологија, проф. д-р Дејан Докиќ, информираше дека се зголемува бројот на пациенти ао астма кои амбулантски се лекуваат во оваа установа, а за среќа, се намалува бројот на болнички приеми.
– Бројот на новодијагностицирани и амбулантски прегледани болни од астма е во пораст, но за среќа, во овие 15 години нема смртен случај од астма. Оваа болест тешко се открива, најчести симпоми се кашлање, свирење во градите, недостиг на воздух. Но може да се јави и само кашлање, без причина, па матичниот лекар треба да процени да го упати пациентот на испитувања за да се потврди или исклучи астмата – изјави д-р Докиќ.
Од Клиниката за детски болести нагласија дека последниве децении се зголемува бројот на деца со астма.
– Дијагностицирање на астмата кај децата е предизвик. Неопходна е голема истрајност во лекувањето и соработка меѓу лекарот и родителот, за и кога нема симптоми, лековите да се земаат за да обезбедат квалитетен живот на детето и адолесцентот – рече д-р Валентина Чолаковска, педијатар од оваа клиника.
Од Фондот за здравство денеска не добивме одговор дали спрејовите за астматичарите може да се изземат од месечните квоти со лекови, како што бара Здружението.
ФОТО: МИА