Асоцијацијата на рударите до државата – ако не сакате рудници, кажете, не мора да има!

Државата конечно треба да реши дали рударството ќе постои во економијата, а не да лута меѓу мислењето на невладините организации и интересите на стопанството, сметаат во Стопанската комора.

593

Рудник не е куќа за да може да се замени со друг на нова локација и да може веднаш да почне да работи. За да проработи рудник, потребно е прво да има руда на таа локација и тоа наоѓалиште да биде економски исплатливо, но и да се исполнат низа услови за да може тој рудник економски да работи, изјави денеска на прес-конференција Николајчо Николов, претседател на Македонската асоцијација за рударство(МЕР) при Стопанската комора.

Вака тој ја прокоментира предложената измена на Законот за минерални суровини, со која на инвеститорите, на кои еднострано им е одземена концесијата за експлоатација на руда по барање на граѓани во случаи кога е загрозена безбедноста и здравјето на луѓето, им се дава можност да поднесат барање за добивање на нова концесија за експлоатација на друг локалитет и тоа директно за експлоатација и без спроведување на јавен повик.

Асоцијацијата на рудници смета дека покрај оваа измена на законот, уште понелогична е измената на членот 51 од законот, со која се предвидува можност за едностран раскин на договорот за концесија на рудниците, во случај кога е загрозена безбедноста и здравјето на локалното население, односно дека ќе се одзема концесијата за рудник, ако половина од граѓаните кои живеат во близина на рудникот се пожалат на загадување.

– Како рударска асоцијација, не сме против одземање на конциесијата за експлоатација на руда, но бараме тоа да се прави по стриктно утврдени правила, а не само по реакција на граѓани, кои можат да бидат незадоволни оти не се вработени во тој рудник. Со овие измени, меѓутоа, не гледаме дека се поставени правила кои ако не ги почитуваат инвестиорите, ќе знаат дека ќе останат без концесија. Во него не се дефинира што е тоа загрозување на животната средина и со кои дејствија рудниците го загрозуваат здравјето и безбедноста на граѓаните според кои и ќе бидат затворени – вели Николов.

Тој смета дека граѓаните имаат право да не сакаат да се отвори рудник во близина на нивните живеалишта, но откако инвеститорот ќе го изоди патот до отворање на рудникот и го отвори, не е добро да се затвори, бидејќи инвестицијата е од неколку десетици милиони евра.

Од Асоцијацијата сметаат дека предложените измени се нелогични и затоа бараат да се повлечат од собраниска расправа и да се донесат по редвен пат, преку јавна расправа и вклучување на мислењето на засегнатите страни.

– Не знаеме зошто се брза со донесување на измените на Законот са минерални суровини. Дали е тоа поврзано со изборите или не, но ако се сака да се затвори некој рудник и со важечкиот закон може да се затвори. Рудниците за метали имаат А-интегрирани дозволи, кои, ако не ги почитуваат пропишаните норми, можат да бидат затворени. Пред да се отворат рудниците, подготвуваат Стратегија за влијание на животната средина на која треба да се придржуваат во работењето. И тука има место за одземање на концесијата – појасни Николов.

Од МЕР сметаат и дека треба да се раздвои регулативата која се однесува на концесиите а рудници на метали и на концесиите за каменоломите и експлоатацијата на песок.

– Работата и инвестицииите во овие два вида рудници е различна работа и треба поинаку да се третираат – вели Николов.

Според него, ако пратениците ги изгласаат овие измени на Законот за минерални суровини ќе ги одвратат инвестиорите во рудниците за метали кои последните години се помалку се интересираат за инвестирање во земјава. Николов додава дека државата конечно треба да реши дали рударството ќе постои во економијата, а не да лута меѓу мислењето на невладините организации и интересите на стопанството.

– Ако се реши дека треба да има рудниците тогаш треба да овозможи тие да се развиваат и да им обезбедат јасни правила на работа. Ако одлучи да нема рудници, треба да донесе алтернатива на рударството, кое само во делот за метали остварува извоз од 300 милиони долари и вработува над 12.000 работници – вели Николов.

Измените на Законот за минерални суровини кои се во скратена собраниска процедура предвидуваат можност за едностран раскин на договорот за концесија на рудниците во случај кога е загрозена безбедноста и здравјето на локалното население, односно дека ќе се одзема концесијата за отворање рудник, ако половина од граѓаните кои живеат во близина на рудникот се пожалат на загадување. На инвеститорите им се дава можност да поднесат барање за добивање на нова концесија за експлоатација на друг локалитет и тоа директно за експлоатација и без спроведување на јавен повик.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...