Како тргнала работава (со случајот Рекет), летово ќе го поминеме со играта Асоцијации, односно со обиди (секој од нас) точно да погодиме кој се крие зад фиктивните имиња кои новинарот Бранко Героски ги употребува во своите приказни поврзани со овој случај. Играта, нели, уште од познатата Квискотека (во форма на три лица кои се претставуваат со истиот идентитет, само еден е вистинскиот лик, а играчите со поставување прашања треба да погодат кој е точниот лик), се состои со што помалку податоци (или што побрзо) да се открие за кого се работи. А можеби ќе играме и Меморија… ќе отвараме по две скриени полиња на таблата и ќе се обидеме да ги запаметиме, за потоа да погодиме под кое „бројче“ (или во случајов прекар) се крие вистинскиот лик.
Досега само Бојан Јовановски (Боки 13) самиот се препозна и изјави дека тој е фамозниот „Коки“, кој во тие приказни (досега) беше главниот лик кој изнудувал пари од бизнисмени, како наводна реклама за својата телевизија. Според сегашните објаснувања од Јавното обвинителство, како и доделениот триесетдневен притвор, се чини дека сомневањата од приказните се испоставија како точни и дека „Коки е Боки“. Она што може да им помогне на сите граѓани што сакаат да се занимаваат со погаѓање на идентитетите на преостанатите вклучени во овој случај, е тоа што се чини дека прекарите кои ги одбира новинарот, имаат сличност со вистинското име (или презиме) на соодветната личност.
Друго што може да им биде од помош на играчите е потсетување на сите прекари кои досега се појавија во сториите. Како се одвиваат настаните и следните продолженија од серијалот, се подзабораваат некои од нив. Во сите „епизоди“ досега, како главен соработник (односно ко-рекетар) на Коки (т.е. Боки) се појавуваше и партискиот функционер „Кики“, а од третата и „Фрики“. Но, да се потсетиме дека во првиот напис, фигурираа и рекетираниот хотелиер „Трпе“, како и газдата на друг хотел каде што се одвивал разговорот со Трпе – „Мики“, а вториот напис беше посветен на градоначалничката „Трајанка“. Понатаму се именуваа и: „Баки“ – советник на Владата по потекло од некоја од поранешните југословенски републики, инфлуенсерка „Лики“, како и сопственик на „парамедиум“ наречен „Клики“, а во последната епизода се наведени и „Жаки“ од телекомуникацискиот сектор и нов лик од власта „Раки“. Во приказните се споменуваа и други ликови, но не беа именувани.
Нејсе, нема да се занимавам со играта Асоцијации во овој текст, оставам секој сам да продолжи со препознавањата. Како што наведе и авторот на приказните Героски, тоа е работа на самите ликови и на истражните органи, вклучително и обвинителството, кое ете почна да постапува по допрениот глас. Главните ликови од досегашните приказните во врвот на власта (Кики и Фрики) ја пропуштија можноста викендот самите да истапат во јавноста и ја објаснат својата улога во оваа афера. Можеби се обратиле до обвинителството – ќе видиме наскоро. Но, таква можност пропушти и водечката партија од владејачката коалиција – СДСМ, од која според написите, доаѓаат споменатите ликови. На петочната седница на нивниот Централен одбор, се донесе декларација за бескомпромисна борба против корупцијата, но доколку тоа не се преточи во конкретна одговорност на вмешаните лица, таа декларација ќе има третман на (како што велеше своевремено ВМРО-ДПМНЕ за една друг документ што тие го потпишале) – тоалетна хартија. Додуша, во една од приказните се укажува дека тие веќе се разрешени од партиските функции (и сѐ уште не им се доделени нови), но тоа се случи со комплетните раководства во централата и општините, па тоа повеќе делува како разводнување на случајот (и криење зад некоја колективна одговорност), наместо вистинска бескомпромисна борба против корупцијата.
Овие пишувања поттикнаа и други дискусии. Една од нив е во круговите на граѓанските организации кои се занимаваат со истражувачко новинарство и/или со борба против корупција. За некои, овие написи, без откривање на идентитетите на фиктивните ликови, не се истражувачко новинарство. Интересно, и самиот автор Героски го зборува истото – дека тој не се смета за истражувачки новинар, уште помалку за истражител, туку само за раскажувач, кој користи легитимна литерарна форма и езоповски јазик за да укаже на одредени сомневања за криминал и корупција, која треба да ја истражат „вистински истражувачки новинари“ и секако надлежните институции. За мене, ако ова не е истражувачко новинарство, не знам што е. А исто така сметам дека, особено ако случајот се истера како што треба и заврши со осудителни пресуди за сите вмешани лице, дека овие написи се едни од позначајните придонеси во борбата против корупцијата.
Втора расправа е за жртвите на рекетот и нивната улога во понатамошните постапки. Со тоа што се охрабруваат (и од новинари, а и од некои партии, но и од самото јавно обвинителство) да ги пријават случаите во кои од нив се барани (или и дадени) пари со изнуда, тоа би ги ослободило од вина (за кривичното дело давање поткуп / мито). Не сум правник, но претпоставувам дека е тоа така – за конкретниот случај. Но, што со сите прашања што се поставуваат во врска со нив во случајот: Зошто баш тие бизнисмени и слично биле избрани за изнуда од групата? Дали изнудувачите имале компромитирачки материјали кои укажуваат (или докажуваат) нивна вина за други кривични дела? Дали тоа што им платиле на изнудувачите – ја потврдува нивната вина за тие други кривични дела? Што ќе се случи со тие други кривични дела (без оглед дали во моментов има докази во некое од обвинителствата, или на друго место, а и дали се почнати истраги или поднесени обвиненија или не), односно дали ако сведочат во овој случај, ќе им се „простат“ тие други случаи (вклучително и докажувањето на потеклото на исплатените пари)?
Многу прашања пред сите вклучени… и дали да „обзнанат“ или не, дали да го направат тоа јавно или тивко – директно во обвинителството. Или… како што пишав и минатиот пат – да продолжат да плаќаат каде што треба и колку што треба, во надеж да се „купи“ сопствената слобода и мир.
За некои луѓе очигледно ова ќе биде долго и жешко лето… за повеќето нас, во стариот добар сеирџиски дух – ќе биде лето на играње асоцијации и меморија!
Извор: Инбокс 7