Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, во Скопје престојува пред еден од најголемите, најважните и најкомплексните предизвици на Република Македонија, а тоа е претстојниот референдум на 30 септември и имплементација на Договорот од Преспа што беше непремостлива бариера за членството во ЕУ и НАТО, истакна вицепремиерот Бујар Османи по средбата со шефот на дипломатијата на Луксембург.
– Неговото присуство ќе значи мотивација, охрабрување на сите граѓани на Република Македонија дека Европската унија е тука и нашите меѓународно пријатели се тука за побезбеден и подобар живот на граѓаните – рече Османи.
Тој потенцира дека покрај Договорот од Преспа, Македонија работи и на исполнување на критериумите за членство и на итните реформски приоритети за да може да ги имаме најдобрите аргументи во јуни 2019 година на Самитот за да започнеме со преговори.
– Република Македонија го заслужува тоа, граѓаните го заслужуваат тоа за најбрзо да станеме членка на ЕУ и се разбира 30 септември е добар симбол за 30 членка на НАТО – истакна вицепремиерот Османи.
Според шефот на дипломатијата на Луксембург референдумот е за иднината на државата. Влезот на Македонија во ЕУ беше блокиран, додаде тој, а дури во 2018 година земјата најде начин за решение за долгогодишниот спор за името и оти сега вратата на НАТО и ЕУ се отворени.
– Не станува збор за името, туку мислам дека станува збор за односот на ЕУ кон овој регион. Сега вратата е отворена во НАТО, во ЕУ и јасно е дека двете страни мора да ги почитуваат условите, но мислам дека можете да го сторите тоа и со задоволство ќе ви помогнеме. Сега сме на една критична точка. На 30 септември следува референдумот, и ако смеам да кажам како европеец ова е референдум за иднината или, пак, за минатото. И мислам дека и другите земји во регионот се надеваат на позитивен исход – рече Аселборн.
Одговарајќи на новинарско прашање, министерот за надворешни работи на Луксембург кажа дека предолгото чекање на Македонија за влез во Унијата не е политичка грешка на Брисел.
– Не е само политичка грешка на Брисел, тоа не може да се каже, мислам дека делумно тоа се должи на тоа што некогаш чекаме, а чекаме без да се мешаме. Сега мислам дека моравме да се замешаме кога станува збор за вашата држава, затоа што постои решение за ситуацијата што беше блокирана – рече Аселборн.
Како држава, вашиот народ, вашата Влада, Парламентот, вели министерот за надворешни работи на Луксембург, мора да реши, но решението е на вас.
– Ако премногу размислуваме за минатото, нема да дојдеме до решение. Решението ќе го најдеме гледајќи во иднината и без согласност на народот не може да се дојде до решение, затоа овој предизвик на 30 септември е толку важен и како што кажав тој е избор на иднината за вашата држава – рече тој.
Аселборн додаде дека македонските гласачи ја знаат својата одговорност, истовремено сметам дека тука не смее да има мешање од Брисел или, пак, од Луксембург.