Oд мај минатата година, многу позитивни работи се случија во Вашата земја. Грција и Македонија никогаш не биле поблиску до решение за името. Oптимист сум после Извештајот на Комисијата дека 2018 ќе биде важна година за Вашата земја, што се однесува до европската иднина, изјави министерот за надворешни и европски работи, Жан Аселборн, по средбата со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.
– Верувам дека три точки се особено важни. Првата е дека од мај минатата година, многу позитивни работи се случија во Вашата земја. Владата вложи огромни напори. Задоволен сум исто така дека опозицијата се врати во Собранието.
Второ, мислам дека Грција и Македонија никогаш не биле поблиску до решение за името. Тоа е многу важно.
И трето, јас сум оптимист после Извештајот на Комисијата дека 2018 ќе биде важна година за Вашата земја, што се однесува до европската иднина на Вашата драга земја.
Димитров денеска оствари работна посета на Големото Војводство Луксембург, во чии рамки оствари средба со својот домаќин министерот за надворешни и европски работи, Жан Аселборн.
– Министрите изразија задоволство од заемните заложби за интензивирање на политичкиот дијалог во изминатите месеци што резултираше со две работни посети на министрите за надворешни работи на Република Македонија и Луксембург, во двата правци. Беа разменети мислења за потенцијалот и заемниот интерес во функција на натамошниот развој на севкупната билатерална соработка меѓу Република Македонија и ГВ Луксембург, соопшти МНР.
Министерот Димитров го брифираше својот домаќин за најновиот развој на внатрешно политичките состојби, реформската агенда, регионалната соработка, како и заложбите за изнаоѓање компромисно решение за билатералниот спор со Република Грција.
– Двајцата министри разменија мислења за препораката содржана во последниот Извештај на Европската комисија за Република Македонија и перспективите за добивање датум за отпочнување на пристапни преговори. Министерот Аселборн ја реафирмираше поддршката за Република Македонија и ја охрабри Владата да продолжи со реализацијата на внатрешните реформи во насока на реализација на европските и евроатланските интеграции, стои во соопштението.
Во рамките на посетата, министерот Димитров оствари средби и со претседателот на Парламентот на Луксембург, Марс Ди Бартоломео и членовите на Парламентарната комисија за надворешни и европски прашања, одбрана, соработка и миграции, а во Стопанската комора на Луксембург, пред заинтересирани компании ги презентираше можностите за инвестирање во Република Македонија.