Основачот на Викиликс Џулијан Асанж е изложен на „психичка тортура“ за време на кампањата на изнесување навреди против него во медиумите, судовите и меѓу политичарите, изјави денеска специјалниот известител на ОН за човекови права Нилс Мелзер.
Тој изрази загриженост поради новите американски обвиненија против Асанж и го повтори апелот да не биде испорачан на Вашингтон.
Асанж вчера беше во лоша здравствена состојба и е сместен во болничката единица на затворот, поради што не можеше да се појави по пат на видео-линк на рочиштето за екстрадиција во САД.
– Господинот Асанж, намерно е изложуван, во период од неколку години, на прогресивно тешки облици на суров, нехуман третман или казнување, чии кумулативни ефекти можат само да се опишат како психичка тортура – потенцира Малзер.
Тој дополни дека Асанж ги покажува сите симптоми типични за долга изложеност на психичка тортура, вклучувајќи стрес, хронична нервоза и интензивна психичка траума.
САД бараат испорачување на Асанж, кој на 11 април беше присилно извлечен од еквадорската амбасада во Лондон, откако му беше укинат азилот. Австралиецот, кој сега има 47 години, ги прекрши одредбите од кауцијата и побара залосниште во еквадорската амбасада во 2012 година за да избегне испорачување во Шведска по обвиненија за сексуално злоставување. Шведска на почетокот на мај повторно отвори истрага против него, а Асанж ги негира обвиненијата за силување.
САД го обвинија Асанж за шпионажа, тврдејќи дека тој незаконски објавил имиња на доверливи извори и му помагал на поранешниот воен аналитичар Челси Менинг во овозможувањето пристап до доверливи информации. Асанж се соочува со 18 точки од обвинение и повеќедецениска затворска казна доколку биде осуден.
– Мојата најголема загриженост е дека во САД господинот Асанж ќе биде изложен на реален ризик од тешко кршење на неговите човекови права, вклучувајќи го правото на слобода на изразување, право на фер судење и забрана на мачење и друго нечовечко или деградирачко однесување или казнување – појасни Мелзер.
ФОТО: EPA / STRINGER