Зошто драмења, катадневни заморни бомбардирања со епизоди од судењата за криминалите на соборената криминогена властодржна гарнитура. Мене барем, а верувам дека не сум осамен, ми го загадуваат животниот амбиент ТВ-прилозите со „ексклузивните“ патетични исповеди на македонските мафиози од екстремен сицилијански калибар.
Како да се цели да почнеме да веруваме на солзи. Да се изнуди сочувствие со нивниот артизам. Зашто, веќе е толку евидентно дека до совршенство се извештија во изборот на репликите пред камерите, со кои до финеса е пресметано како да изнудат сожалби и кај емотивно најтврдите. Да испровоцираат проштелни чувства и кај илјадниците жртви на нивната екстремна милитантност.
Оваа судска драмолетка, во изведба на ансамблот осомничен за тешки криминали, а ќе признаеме по добро искреирано сценарио и уште поперфидна режија на адвокатскиот тим, почнува да поприма нови кадри во филмот на македонското криминално подземје.
Во нашите животи постојат и етички нормирања. Не е неопходно, а уште помалку упатно катадневно брутализирање на нашите сетила со видео и звучни канонади од таканаречената црна страна на животот.
Не е ниту малку забавно, а уште помалку потребно и хумано да бидеме постојан декор на јавната сцена во тенденцијата за судски расплет на трагедијата на македонските тешки криминали. Да ги доживуваме злосторниците како јунаци од шекспировите драми.
Друмски разбојници со потврдена аморалност, да беседат за морал, за етика, за право и правда, за закони и устав. Нивните катадневни јавни портретирања преку ТВ-екраните, кои ни ги внесуваат дури и во спалните соби, предизвикуваат чувство на одбивност. Та дури на одвратност.
Животот, барем нашиот, заслужува да има поведра и поромантична страна. Една деценија тортура, беше доволна за да се измери квантумот на нашата издржливост. Впрочем, имаме далеку посуштински и посложени граѓански обврски. Пикантериите од судските процес во секој случај нема да го намалат бремето од криминалите на актерите што ни ја исцртаа најмрачната страна од поновата национална историја. Тие, со својата гротескност не нѐ релаксираат. Не нѐ едуцираат. Веќе се дел од судскиот, полицискиот и правен инструментариум. За нас е битен епилогот. Дали тој ќе биде продукт на објективни судски согледби и дали ќе се вклопи во реалната правна рамка Тоа ќе е нашата сатисфакција, правна, морална и политичка.