Портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на денешнате прес-конференција ја обвини министерката за одбрана Радмила Шекеринска дека е вмешана во сомнителен тендер каде што постои сомнеж за проневера на Буџетот од над 250.000 евра.
Тој истакна дека Шекеринска како министер во Министерството во одбрана преку јавна набавка набавила две тешки машѓини грејдери за потребите на Армијата во вредност од 464.853 евра, односно еден грејдер чинел 232.426 евра.
– Машините се набавени од српска компанија „Корковадо“, инаку се работи за машини од кинеско производство, како што реков за потребите на Армијата на Република Македонија. Ова не би било ништо спорно доколку истата машина од истата компанија „Корковадо“ во Србија после само неколку месеци не била продадена на јавна набавка за српска институција во вредност од само 108.000 евра, односно за половина сума помалку од онаа што ја платила Радмила Шекеринска. Значи, една машина грејдер модел ГР 1605 во Србија чини 108.000 евра, а Радмила Шекеринска во Македонија го набавува за 232.426 евра – рече Арсовски.
Според него, очигледна е разликата од 132.000 евра по машина или вкупно 264.000 евра за двете машини, кои, како што кажа, никој не знае каде завршиле.
– Со ова Радмила Шекеринска го има оштетено Буџетот на Република Македонија за над 250.000 евра. Прашањето е, ако се знае дека Радмила Шекеринска има сериозни бизнис релации во Србија, поточно во Белград преку нејзин близок од потесното семејство, каде завршиле овие над 250.000 евра разлика во тендерот кој што се на некој начин проневерени? Дали овие над 250.000 евра завршиле во нечиј џеб? Ова мора да се дознае и јавноста ги чека овие одговори од Радмила Шекеринска“, рече Арсовски.
Тој кажа дека Јавното обвинителство треба да отвори случај по овој сомнеж и целосно да го истражи.