Арсовски: Смешно е квалитетни луѓе да презентираат популизам дека повторно ќе го смениме името

624

Ако до јуни ги исполниме критериумите околу законот за јавното обвинителство, со кој се регулира и статусот на СЈО, изборот на нови судии, решавање на одредени случаи, реално е да очекуваме дека ќе добиеме датум за преговори со Европската унија.

Ова го истакна денеска првиот амбасадор во Грција, Љупчо Арсовски, одговарајќи на новинарско прашање дали за него е реално да добиеме датум на Советот на ЕУ во јуни или пак поголема е веројатноста дека тоа би се случило во октомври.

– Ако сме чекале 30 години, за мене не е страшно тоа да биде и во октомври – рече Арсовски и додаде дека смета оти сега ова ќе биде тема за партиски препукувања и уценувања во кампањата за претседателските избори, со желба да се добијат повеќе гласови.

– Ние мора професионално да работиме во однос на исполнување на критериумите. Ако до јуни ги исполниме критериумите околу СЈО, нови судии, одредени случаи датумот не ни бега – рече поранешниот амбасадор денеска по основачко собрание на здружението „Совет на амбасадори“, кое претставуваа независно непартиско, непрофитабилно здружение на амбасадори и поранешни министри за надворешни работи.

Вели дека него оптимизмот за почеток на преговори со ЕУ никогаш не го напуштил, но додаде дека предвид треба да се имаат и одредени тајминзи во самата Унија. Во ЕУ во мај се одржуваат избори за нов состав на Европскиот парламент, што како што посочи Арсовски, ќе доведе до промени и во европскиот кадар.

– Очекувам позитивен факт, меѓутоа еве и ние се наоѓаме во изборна кампања за претседател, каде се спомнуваат различни работи. Ќе ни поминат и април и мај, а ние треба да ги сработиме критериумите кои Европа ги бара. Тоа се медиумите, судството, институциите кои се преоптоварија со партиски вработувања, мора да дојде до израз квалитетот. Кога одите во Брисел не ве прашуваат од која партија сте, туку ве прашуваат дали сте ја завршиле домашната задача – нагласи поранешниот амбасадор.

Во врска со тоа дали Договорот од Преспа е реверзибилен, со оглед на  најавите на кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска, која најави и уставна клаузула за заштита на името, Арсовски нагласи дека смета оти тоа се само предизборни манипулации.

– Многу е тешко еден процес да вратите назад. Освоената планина еднаш сте ја освоиле и вие сте таму на планината. Кога ќе го освоите Монт Еверест, тоа никој не може да ви го оспори. Се работи за одлука на народот, ако некогаш народите одлучат нешто друго тоа е друга работа. Мислам дека е залудно и смешно квалитетни луѓе да презетнираат такви форми на популистичко приближување до народот дека ние повторно ќе го смениме името и ќе го вратите и ќе го поништиме. Тоа така не оди во меѓународните односи – појасни дипломатот.

На прашањето дали предзвик за новоформираниот Совет ќе биде Турција, односно своевидно барање на листа на членови на ФЕТО, во замена за ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО од турска страна, Арсовски рече дека земјава се сочувала со вакви слични ситуации и со други соседи.

-Но одредени земји кога притискаат помала земја постојат и друг тип механизми и во НАТО и од другите држави, кои можат да ја притиснат дотичната земја, без разлика дали станува збор за Грција,  Турција, Бугарија…Се работи за односот за дигнитет на една земја и мешање во внатрешните работи на земјата – додаде амбасадорот Арсовски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...