Ако веќе не е новост да разбереме дека член од семејството на Мира Стојчевска се вработува, тогаш денес ќе ви посочиме за уште еден скандалозен случај на вработување на член на семејството од уште еден пратеник од редовите на СДСМ, вели Димче Арсовски, портпарол на ВМРО – ДПМНЕ.
– Според кои критериуми е вработен синот на пратеничката на СДСМ од Радовиш, почитуваната Милева Ѓорѓиева ? Нејзиниот син се вика Стојче Ѓорѓиев, како инспектор за јавна безбедност во МВР без огласување на јавен оглас? Патем мора да потенцираме и да и обзнанеме на јавноста дека синот Стојче е пријавен на оваа работна позиција со средна стручна спрема, замислете, фармацевтски техничар. Фармацевтски техничар како инспектор за јавна безбедност – вели Арсовски.
Тој додаде дека стана секојдневие за пратеничката на СДСМ Мира Стојчевска, инаку меѓу народот позната како Мира Дизел, да се дознае дека бил ангажиран некој близок од нејзиното семејството во државна институција за многу висока плата.
– Откако се вработија синот и нејзиниот брат, последна информација е дека и нејзиниот сопруг Илчо Стојчевски е назначен за командир на шумската полиција во Делчево на ден 11.02.2019 година односно понеделник. Да потсетиме на 11. февруари со работа почнаа и нејзиниот син и нејзиниот брат, а сега и нејзиниот сопруг. Многу среќен ден е овој датум за семејството на Мира Стојчевска, па можеби треба да го земе и за куќна слава. Очекуваме дека Мира Стојчевска и за ова нема информација или пак повторно е изненадена и воопшто не знае. Ова веќе не е непотизам. Ова е епидемија од непотизам од кое што во само еден ден се заразило целото едно семејство Стојчевски – оцени Арсовски.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ прашува: Дали е тоа така само затоа што е син на Милева-Ѓорѓиева?
– Ова веќе е болна работа, ова веќе е епидемија на непотизам кое може да се реши само на еден начин. А тоа е СДСМ да не бега од избори и излезе на избори каде што народот ќе си го каже своето мислење за нив. Нема човек во државата кој не е разочаран кога гледа дека без критериуми се вработуваат синови, ќерки, сопрузи, браќа, сестри, мајки, баби, дедовци на и сите останати роднини, блиски и подалечни кои што се роднини на партиските функционери на СДСМ. Веќе и на членството на СДСМ им е јасно дека си имаат работа со криминален картел кој гледа за себе да си обезбеди високи плати за семејството, високи бизниси, огромни тендери, огромни грантови и на тој начин да се натоварат што побрзо дури не паднале од власт, бидејќи деновите им се одбројани. Оваа криминогена екипа од СДСМ веќе знае дека нивниот политички крај се ближи бидејќи ништо не направија за граѓаните и државата. Единствено уништија и напакостија. Времето и народните пари ги трошат единствено за нив и нивните семејства – додава Арсовски.