Нов скандал се случи после само три дена од вториот круг на претседателските избори, односно на 8-ми мај Град Скопје и Петре Шилегов, доделиле тендер вреден 967.600 денари на фирмата на невенчаниот сопруг на министерката Мила Царовска за изнајмување на опрема за висинско набљудување, вели Димче Арсовски, портпарол на ВМРО – ДПМНЕ.
– Фирмата „Флај Кем“ на Горан Георгиевски за една година снимање со дронови ќе инкасира речиси еден милион. Георгиевски, невенчаниот сопруг на Царовска, освен овој милионски бизнис за летање дронови досега доби и набавки во 4 очи во вкупен износ од 1,5 милиони денари. Во моментов има нова тендерска постапка распишана од скопскиот плански регион, во вредност од скоро 1 милион евра, каде што замислете треба да се следи загадувањето на амбиенталниот воздух. Веќе помеѓу фирмите кои вршат набавка на ваква опрема, кружат сомнежи дека и овој тендер се мести за невенчаниот сопруг на Мила Царовска – вели Арсовски.
Тој на денешната прес конференија праша „дали и овој тендер ќе заврши токму во џебот на Мила Царовска и нејзиниот невенчан сопруг“?
– Дали Георгиевски овие бизниси ги добива само затоа што и е невенчан сопруг на Мила Царовска? Дали нема друга фирма која може во државата да ја врши оваа работа, па мора токму фирмата на партнерот на Царовска да ја прави и за тоа да заработува огромни пари вредни милиони? Нормално дека има и други фирми, ама тие не се сопрузи, партнери или роднини на никој од владата односно од СДСМ. Граѓаните видоа каков манипулатор е Зоран Заев. Додека во кампањата меѓу двата круга ветуваше дека ќе се справува со злоупотребите и криминалот кој го прават неговите избраници во Владата, сега во канцелариите на Град Скопје, Петре Шилегов и партнерот на Мила Царовска подготвувале милионски договор. Јавноста ниту виде метла секаде каде што има криминал ниту пак ќе види метла идниот период – рече Арсовски и ги повика надлежните да го исражат случајот.