Изминативе денови сме сведоци на еден огромен скандал кој што го нарековме “Криминални иновации”. За жал тој скандал нема крај и од ден во ден се повеќе се шири, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.
Тој постави неколку прашања за уште едно како што вели, скандалозно доделување на пари од еден од 79 -те проекти што ги додели „Фондот за криминални иновации“.
-Изминативе денови од медиумите го запознавме лицето Никола Мемов, кој што инаку е долгогодишен член на СДСМ, кој на социјалните мрежи може да го видите со еден куп слики со раководството на СДСМ, како јавно се фали дека негов проект е еден од наградените проекти.
Епа јавноста во тој случај ја интересираат неколку работи:
За која фирма од наградените Никола Мемов бил консултант и го подготвувал проектот?
Колку пари добила фирмата каде што членот на СДСМ Никола Мемов подготвувал проект?
Кој е сопственик на фирмата која што го ангажирала членот на СДСМ Никола Мемов и за каков проект се работи?
Дали ова е начинот на кој што имало влијание од страна на Никола Мемов врз неговите партиски колеги да го добие неговиот проект и каква награда земал за истиот? Веќе од авион се гледа дека се работи за криминал на големо.
СДСМ и оваа криминална Влада немаат ниту срам ниту перде. Уште и јавно си се фалат на социјални мрежи дека си поделиле пари меѓу себе, додека граѓаните тонат во сиромаштија и ги однесоа на работ на амбисот.
Јавното обвинителство мора да постапи согласно законите. Јавното обвинителство мора да го заврши овој случај според фактите, а фактите доворат дека ова е најголемиот скандал после криминалната приватизација за делење на народни пари во џебовите на партиските олигарси и функционери на СДСМ.
До тогаш, Јован Деспотовски, Кочо Анѓушев, Хари Локвенец, Цветанка Ласкова и сите други инвовирани во скандалот Криминални иновации веднаш да си поднесат оставки и да ги тргнат рацете од институциите за да не можат дополнително да влијаат на овој скандал.
Сите заедно се соучесници во најголемиот можен грабеж на граѓаните и за тоа мора да одговараат“, порача Арсовски.