Власта во заминување на СДСМ и Заев од ден во ден влага во се поголем криминал. Нема ден, а да нема некој криминален тендер или скандал поврзан со корупција. Вчера имавме можност во медиумите да видиме сериозни индиции за криминал од страна на власта во заминување во МВР преку набавката за пасоши и лични документи. Се работи за сомнеж за криминал во висина од околу 20 милиони евра и корупција во проценета вредност од над 12 ипол милиони евра, изјави на денешната прес-конференција Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој нагласи дека „целата постапка е со сомнеж за криминал и надвор од законите, односно се работи за незаконска постапка за јавна набавка, која што е подложна на кривична одговорност согласно кривичниот законик на Република Македонија“.
– СДСМ си склучиле договор со фирмата „Веридос“ за набавка на пасоши и лични документи во периодот од 01.01.2020 до 31.12.2021, во вредност од 20 милиони евра, поточно околу 19 милиони и 600 илјади евра. Каде е тука сомнежот за криминал? Најнапред и најпрвин, согласно планот за набавка на пасоши и документи за лична идентификација во МВР во текот на 2019 година предвидени биле средства во висина од околу 7 милиони евра за истата јавна набавка, за веднаш потоа единствениот понудувач „Веридос“ да побара сума од околу 20 милиони евра или поточно поточно 19.681.666 евра, сума која што веднаш е обезбедена од страна на Владата на СДСМ во текот на постапката. Целата постапка е сомнителна и незаконска во роковите околу јавната набавка – рече Арсовски.
Тој тврди дека Договорот за рамковната спогодба во висина од 19.681.666 евра е склучен на 05.12.2019 година, а одлуката за избор и извештајот за постапката за оваа јавна набавка се склучени и архивирани на 06.12.2019, односно еден ден подоцна откако е склучена рамковната спогодба од страна на МВР со фирмата „Веридос“.