Арсовски до Општина Охрид: Урнете ја дивоградбата на советникот Нефи Усеини!

403

Советникот Нефи Усеини, кој е дел од коалицијата на власт во Охрид, гради дивоградба на брегот на Охридското Езеро на стариот пат помеѓу Охрид и Струга на нелегален начин, обвини денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

– Блиску до самиот брег, со месеци наназад гради бетонска база. Тоа е советникот за кој се зборуваше дека пред некој извесен период на седница на Советот физички нападнал друг советник затоа што не гласал по негово убедување. За оваа дивоградба од бетонска база, Константин Горѓиевски, градоначалникот на Охрид знае, но сѐ уште нема преземено ништо, како и за секоја друга дивоградба којашто никна во Охрид – вели Арсовски.

Тој тврди дека бетонската база не поседува никакви потребни дозволи од општината, а нема ни одлука за еколошка дозвола за градба од Министерството за животна средина.

– Оваа дивоградба не поседува ниту една дозвола и треба веднаш да биде срушена од страна на општината и градоначалникот. Но, од општината молчат и ден денес бидејќи тоа е дел од предизборната коалиција на Константин Ѓорѓиевски од СДСМ и советникот кој пола Охрид го изгради нелегално со дивоградби. Овој ист советник, Нефи Усеини има изградено и нелегален објект во старата чаршија до чинарот и сѐ уште не е преземено никаква мерка од страна на општината. Доколку му се искрени намерите на градоначалникот и на СДСМ, да го средат градот и да завладее законот треба уште веднаш да се срушат сите диви објекти во градот, вклучително најпрво да се почне од оваа бетонска база којашто е на советникот од Коалицијата на власт во Охрид. Во спротивно, еден ден, ќе одговараат сите инволвирани за ова силување на градот и на општината – рече Арсовски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...