Претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска е избрана за член на бордот на Глобалниот комитет на жени лидери. Со бордот ќе претседава Свати Мандела, внуката на Нелсон Мандела, а го сочинуваат 12 светски познати членови.
Интернационално добро познати имиња во бордот се д-р Аменах Гуриб-Факим, 6-тиот претседател на Република Маурициус, како и Мари-Кристин Огли, претседателот на Светската асоцијација на жени претприемачи.
– Да се види име македонка во бордот на Глобалниот комитет на жени лидери е гордост и чест за мене лично, но и професионално. Со Сојузот направивме многу за интернационално да постигнеме успеси во економската соработка и меѓу првите дигитализиравме дел од алатките за меѓународна трговија. Со успех во работата го истакнавме фактот дека и покрај тоа што сме само неколку жени во светот претседатели на национални комори, можеме да промениме многу и да придонесеме за општо добро – изјави Арсовска.
Глобалниот комитет на жени лидери е посветен на искористување на уникатниот пристап на влијателни жени лидери во светот, креатори на политики, претприемачи и уметници – обединувајќи ги да ги искористат своите колективни знаења, да се посветат на критични теми и да генерираат иновативни решенија за зајакнување на светската економија.