Арнаудов: Останувам со ВМРО-ДПМНЕ, нема шанси да одам со Љубчо Георгиевски

2374

Јас сум со идеите на ВМРО-ДПМНЕ уште пред да се формира партијата, и немам намера да си одам, ниту пак некој може да ме исклучи, одлуката на раководството е нестатутарна и избрзана, вели за Плусинфо, пратеникот Љубен Арнаудов, кој заедно со уште шестмина свои сопартијци беше искучен од партијата, откако во Собранието гласаше за предлогот на владата на Зоран Заев за уставни измени според Договорот за Грција кои превидуваат и промена на уставното име на државата.

– ВМРО-ДПМНЕ не ја прават само дваесетмина, зад партијата стојат повеќе од 300.000 луѓе, а откако раководството со нестатутарна и избрзана одлука реши да ме исклучи секојдневно добивам огромна поддршка од други мои сопартијци и симпатизери. Во овие тешки моменти треба да се биде чесен и да се настапува со разум – вели Арнаудов.

Тој тврди дека не постапил спротивно на партискиот Статут, каде што е прецизирано кога еден член на партијата може да биде исклучен, ниту настапил контра интересите на својата партија во контекст на интеграциите во ЕУ и НАТО.

– Ниту имам намера да формирам друга политичка партија за да бидам исклучен, ниту постапив спротивно на партиските интереси, ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш била за евроатлантска интеграција, а во Декарацијата што ја поднесовме со другите пратеници јасно стои кои се нашите барања во однос на зачувувањето на идентитетот и македонскиот јазик, само што некој тоа не сака да го види – вели Арнаудов и повикува на разум и потиснување на суетно и избразно постапување.

На нашето прашање дали тој сега во парламентот ќе делува самостојно или со другите негови сопартијци ќе формираат пратеничка група, Арнаудов, вели дека сѐ уште не разговарале за ова прашање, но додава дека ќе постапат според Делловникот, кој остава простор да се формира пратеничка група со најмалку пет пратеници. Сепак, истакнува Арнаудов, во однос на ова прашање неговиот личен став е да не се прават дополнителни поделби.

– Јас не би се делел во посебна пратеничка група. За ВМРО-ДПМНЕ сум уште пред да се формира партијата и така и ќе остане – вели Арнаудов.

Откако во медиумите излегоа шпекулации дека е можно исклучените пратеници да пристапат кон партијата на Љубчо Георгиевски, Арнаудов е категоричен:

– Нема шанси за таква опција, јас останувам во партијата за која сум се борел и во многу други тешки ситуации во државава – вели Арнаудов и потсетува на деведесеттите години кога вмровците биеја тешка и драматична битка за зачувување на знамето на Република Македонија.

Според претходно објавени информации во медиумите, дека трансферирањето на пратениците во ВМРО Народна партија на Љубчо Георгиевски била една од разгледуваните опции, сѐ уште нема никаква официјална потврда за тоа.

Пратениците што гласаа за уставни измени побараа во наредната фаза на промена на Уставот да се прифати амандман со кој ќе се гарантира македонскиот идентитет. Тие исто така предагаат одредба со која ќе се гарантира дека ќе има безусловно поништување на сите прифатени уставни амандмани кои произлегуваат од имплементацијата на договорот од Преспа, ако Грција не го ратификува договорот и повторно ги попречува евро-атлантските интеграции на Македонија. Потоа, постепена промена на името за внатрешна употреба и прифаќање на иницијативата на Заев искажана на 61-та седница на Собранието на Република Македонија на 15 октомври 2018 година, за простување на настаните од 27 април.

Ова предвидува собраниско тело составено од шефовите на пратеничките групи, тројца пратеници и претседателот на Собранието Талат Џафери кои ќе треба да предложат план за национално помирување, во рок од 30 дена. Засега нема детали за рамката во која ќе се случи помирувањето, а според пратеници кои се очекува да бидат вклучени во работната група, неделава би требало да почнат активностите за формирање на собраниското тело за помирување.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...