АРМ ја прослави годишнината со покана од НАТО, повисоки плати и зголемен буџет

187

Армијата на Република Македонија ја прослави 26-годишнината како Армија на држава со НАТО покана да стане 30-та земја членка.

На одбележувањето на Денот на Армијата министерката за одбрана Радмила Шекеринска ја потенцираше улогата на АРМ како „тивок дипломат“ кој помогна во голема мерка во одработувањето на поканата за членство на Македонија во НАТО. Но ова не беше единствениот фронт на кој изминатата година се бореше Министерството за одбрана – угледот и достоинството на Армијата, кои подолго време беа заборавени и занемарени, почнаа да се враќаат со конкретно преземени чекори. Овој јубилеј АРМ го прослави со повисоки плати, со зголемен буџет за одбраната и преземена обврска тој и понатаму да се зголемува, со исправени неправди, обезбедени средства за нови униформи и опремување на македонската војска.

– Оваа година, Владата обезбеди 15 отсто зголемување на вкупниот буџет за одбраната. Обезбедивме по многу години, првпат зголемување на платите на сите припадници на АРМ за 10 проценти, нешто што беше најавувано, но нереализирано. Обезбедивме првпат исплата на јубилејната награда, на сите оние кои 15 и повеќе години се во служба на Армијата, обврска која години со ред не била исполнувана. Обезбедивме враќање на плаќањето за дежурства за сите припадници на Армијата, без исклучок -истакна Шекеринска.

Таа нагласи дека „она што е, исто така, многу важно, оваа година се обезбедени средства од буџетот за набавка на униформи и чизми за сите припадници на Армијата. Во тек се и набавки на неборбени возила и инженериски машини кои многу ќе го зголемат капацитетот на Армијата особено за поддршка на цивилните институции. Јас очекувам дека до крајот на следниот месец ќе го завршиме и ремонтот на сите хеликоптери и ќе обезбедиме стабилна основа за модернизација во следната година, додаде таа.

МО за една година ги заврши Стратегијата за одбрана и Стратегискиот одбранбен преглед во кој Владата презеде обврска, секоја година да ги зголемува средствата за одбрана за 0,2 процентни поени. Министерката Шекеринска вели дека планираниот буџет за 2019 година, кој е доставен до Министерството за финансии, подразбира почеток на набавка на оклопни транспортери, на АБХО опрема, како и следни чекори во делот на модернизацијата.

– Меѓутоа важно е што веќе од оваа година, почнуваме со двата проекта кои беа неспорни, дека мора да бидат дел од модернизацијата, а тоа е набавка на неборбените возила и инженериските машини. Следната година оклопните транспортери, по мене ќе бидат клучниот проект. И уште една голема работа која оваа година се надеваме дека ќе ја завршиме, тоа е подобрување на компјутерскиот систем и неговата заштита, бидејки не можете да бидете членка на НАТО ако не ја гарантирате безбедноста на информациите. Модернизацијата на Армијата не е проект кој што се завршува за една или две години, секој пат модернизациите за Армијата се планираат за следните 10 години. Проблемот минатата година беше што се имаше влезено во проекти за модернизација за кои не постеше консензус. Затоа беше многу важно да завршиме со Стратегијата за одбрана и Стратегискиот одбранбен преглед, за точно да знаеме и никој да нема дилеми, кои се првите работи кои мора да се набават и колку пари за тоа треба да се обезбедат – изјави министерката Шекеринска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...