Арачиново ќе добие општинска зграда, а за вода и канализација ќе почека

Изградбата на новата општинска зграда се реализира со грант преку ИПА фондовите во рамки на проектот за подобрување на општинските услуги.

396

Општина Арачиново ќе добие нова зграда. За новиот објект се издвоени 260.000 евра, а локалната власт сега е сместена во барака, изградена во 1952 година.

Новата зграда во општината, која има над 20.000 жители е една од капиталните инвестиции најавени за оваа општина, а во план се и други проекти, меѓу кои и тој конечно Арачиново да добие фекална канализација, но и квалитетна вода за пиење.

Изградбата на новата општинска зграда се реализира со грант преку ИПА фондовите во рамки на проектот за подобрување на општинските услуги.

– Го означивме почетокот на изградба на општинска зграда во Арачиново, благодарение на помошта преку ЕУ фондовите и поддршката од СБ и Министерството за финансии во рамки на заедничкиот проект за поддршка на руралните општини. Оваа мошне важна општина во Македонија ќе добие достоинствена општинска зграда – рече премиерот Зоран Заев на свеченото одбележување на почетокот на изградбата.

Тој нагласи дека ова е само еден од проектите, кои ќе се спроведуваат за подобрување на условите за живот во оваа општина.

– Досега успеваме да реконструираме училишта, ги реконструиравме и муслиманските и христијанските гробишта. Се работи на проектот за канализација и обезбедување здрава и квалитетна вода за пиење – додаде Заев.

Градоначалничката на Арачиново, Миликије Халими, истакна дека ова е посебен ден за општината, кога се поставува камен темелник на општинската зграда, која како што рече, е потребна за да им служат на граѓаните на достоинствен начин.

– Овој нов објект ќе биде изграден по највисоки стандарди. Од оваа зграда ќе изработиме различни проекти и ќе покренеме различни иницијативи за доброто на граѓаните – порача Халими.

Министерот за финансии Драган Тевдовски изрази благодарност до СБ и ЕУ, кои финансиски ги поддржуваат проектите за подобрување на општинските услуги.

– Досега се склучени 72 договори со 56 општини за заем преку проектот, додека за ИПА грантовите договори се склучени со сите 78 општини за 133 проекти. Останати се околу пет милиони евра од проектот, за кои најавувам дека Министерството за финансии наскоро ќе објави нов повик – рече Тевдовски.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар истакна дека проектот е наменет да им обезбеди на граѓаните пристап до подобрени услуги на локалните власти.

Претставникот на СБ, Беким Имери напомена дека меѓународната институција ја поддржува Македонија од самиот почеток на процесот за децентрализација во 2000 година, преку различни проекти.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...