Влатко Миташев, познатиот лекар и поранешен претседавач на Советот на Општината Штип, кој сака да му подари земјиште на здружението „Сплотени срца”, на кое родителите на деца со аутизам планираат да изградат Центар за рехабилитација, речиси една година е спречен во таа своја хумана намера поради апсурдни одредби од Законот за градежно земјиште.
Докторот Миташев, за да им олесни на родителите, освен земјиштето кое тој претходно го купил за да гради Дом за стари лица, пред извесно време им понуди и елаборат, со надеж дека Општината Штип ќе најде начин да им излезе во пресрет на засегнатите семејства кои сакаат да го градат објектот.
Зоран Мијалков, родител на дете со аутизам и претседател на „Спллотени срца“, претходно за Плусинфо изјави дека планираат со европски пари, наменети за проекти во Македонија да го градат Центарот за рехабилитација, но за да може здружението да конкурира на проекти поддржани од европските фондови, им недостигало само земјиште. Сепак, вели Мијалков, откако реномираниот доктор Влатко Миташев, решил да им подари земјиште, родителите во „Сплотени срца“ здивнале од натежнатата мака и добиле нова надеж дека ќе се најде чаре и достојно катче за нивните деца.
Докторот Миташев за Плусинфо вели дека земјиштето го купил за да гради Дом за стари лица, проект кој од објективни причини не се реализирал. Подоцна, знаејќи со каква мака се соочуваат родителите во „Сплотени срца“, решил тоа земјиште да им го подари. Тој не ни препоставил какви се проблеми може да произлезат, кои сепак смета дека можат да се надминат, ако има волја да им се помогне на родителите. Со оглед на тоа што станува збор за државно земјиште, вели Миташев, Владата на првата наредна седница може многу брзо да го намени за изгрдба на ценарот и да не направи ниту законско прекршување, туку чекор кој ќе биде поддржан и од штипјани.
Станува збор за 1.200 квадратни метри на кои и според ДУП – от требало да се гради Дом за стари лица. Во општината објаснуваат дека Законот за градежно земјиште не предвидува да се подарува земјиште и дека има опција според која докторот Миташев спогодбено или по судски пат може да ја врати парцелата во сопственост на државата, а потоа Општина Штип да ја продаде преку електронска аукција. Ризикот во овој случај, е што на аукцијата може да се јави купувач кој ќе понуди многу повеќе пари и парцелата да не заврши во рацете на родителите од „Сплотени срца“. И не само тоа, ова ќе значи дека земјиштето кое еднаш веќе било купено, повторно ќе треба да се продава, а хуманиот лекар згора на се, ќе треба да плаќа и пенали.
Опцијата според која може да се реши проблемот – спогодбено или по судски пат докторот Миташев да го врати земјиштето, предизвикува реакции кај граѓаните. Штипјани коментираат дека така ќе се случи уште поголема небулоза – Општината Штип да го тужи докторот кој досега нема ниту едно дамка, а камоли дело за кое би требало да оди на суд , а башка што сака да подари земја во хумани цели. Најверојатно, јазолот ќе биде одврзан спогодбено, кога апсурдните и неуставни закони не дозволуваат една племенита идеја да се преточи во дело.
Венцо Бочварски, советник кој го водел предметот со земјиштето купено од докторот Миташев, за Плусинфо објаснува дека во случајов не станува збор за неуставни одредби во законите. Тој се повикува на Законот за градежно земјиште, според кој, тој што ќе купи градежно земјиште од државата, треба во рок од девет месеци да обебеди градежно одобрение, а во рок од две години да почне да гради. Во спротивно, слледуваат пенали кои изнесуваат 1, 5 осто од сумата за продаденото земјиште.
– Во Општината Штип работам 34 години и во овој период не сум дозволил да биде потпишан ниту еден акт кој е незаконски. Така ќе биде и во случајот со земјиштето што го купил доктор Миташев – категоричен е Бочварски, кој објаснува дека и Општината прави напори да им помогне на децата со посебни потреби, но дека процедурата мора да се спроведе законски.
Тоа, според Бочварски, значи дека откако земјиштето ќе и биде вратено на државата, општината ќе организира електронска аукција, на која секако дека ќе можат да учествуваат и родителите од „Сплотени срца“.
Докторот, како што објаснуваат во општината, може да ја даде парцелата на користење, но според Законот за градежно земјиште, таа ќе остане во негова сопственост сѐ додека не се изгради целиот објект, предвиден со ДУП, а дури потоа може да го подари. Или, пак, доктрот да ја врати парцелата на државата , а потоа да се одржи јавно наддавање.