Селективна правда, партизираната и непрофесионална јавна админситрација на централно, а особено на локално ниво, неефикасно судство и обвинителство, но и полиција која со примена на сила ги надминува своите овластувања, останувајќи неказнета. Со вакви квалификации изобилува годишниот извештај на Народниот правобранител кој денеска беше претставен пред членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.
Македонскиот омбудсман освен низа прекршувања на човековите слободи и права во текот на 2017 година, констатира и вакви судски апсурди:
„Основниот суд Скопје II Скопје непочитувајќи го Законот за парничната постапка, односно без да го провери идентитетот на тужениот, вклучитело и со обезбедување на неговите лични податоци (точно име презиме и матичен број), ја прифатил тужбата на Скопје Север АД – Скопје и му наложил да плати долг од 11.475,50 денари, заедно со камата и трошоци на постапката“, се вели во извештајот на Народниот правобранител
Апсурдот да биде поголем, вели омбудсманот, лицето никогаш не било корисник на услуги за испорачана топлинска енергија, ниту пак, живеело во посочениот стан.
„Народниот правобранител постапувајќи по претставката на ова лице, неспорно утврди дека станува збор за очигледна грешка во однос на утврдување на идентитет на тужениот, поради што побара од тужителот Скопје Север АД-Скопје да ја повлече тужбата. АД постапи по укажувањето на Народниот правобранител и до Основниот суд Скопје II Скопје, достави писмен поднесок за повлекување на тужбата“, вели Народниот правобранител кој забележува дека лани селективната правда била се поприсутна и дека партизираната и непрофесионална јавна админситрација на централно, а особено на локално ниво, претставува сериозна пречка во остварување на правата на граѓаните.
За жал, забележува Народниот правобранител, и во овој извештаен период граѓаните се соочиле со проблеми при наплатата на радиодифузната такса, сметките за вода, во работните и имотно-правните односи, урбанизмот и градбата.
Омбудсманот забележува дека популистичките и неприменливите правни прописи дополнително го отежнуваат остварувањето на правата на граѓаните. Констатиран е лош систем на извршување, кој го погодува најсиромашниот слој граѓани.
„Социјалната заштита останува систем со кој не се надминува социјалниот ризик, имаме појава на дискриминација по сите основи, неефикасно судство и обвинителство, но и полиција која со примена на сила ги надминува своите овластувања, останувајќи неказнета“, вели Народниот правобранител.