Се стремиме кон продлабочување на нашата соработка со Северна Македонија, затоа што е од наш стратешки интерес, рече министерот за одбрана на Грција, Евангелос Апостолакис за време на неговиот говор на четвртиот економски форум во Делфи, Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
– Интеграцијата на Северна Македонија во НАТО ќе придонесе во зацврстување и зајакнување на чувството за стабилност и во зајакнување на соработката и на мирниот соживот во регионот. Се стремиме кон продлабочување на нашата соработка со Северна Македонија, затоа што е од наш стратешки интерес. Имаме важна улога да одиграме, бидејќи ќе биде побарано од оваа земја систематски да ги трансформира вооружените сили за да одговори на потребните стандарди и барањата на алијансата, што се однесуваат на интероперабилноста и стандардизацијата, рече министерот за одбрана на Грција.
Апостолакис се осврна и на неодамнешната средба во Брисел со неговата колешка, Радмила Шеќеринска и можностите за билатерална одбранбена соработка, но и за секаква можна поддршка за непречена интеграција на нашата земја во НАТО.
– Нашиот стремеж е, нашата земја да стане главен стратешки одбранбен партнер на Северна Македонија. И ќе го сториме тоа, истакна Апостолакис во неговиот говор, пренесе МИА.