Пратениците во Европскиот парламент во Стразбур денеска со аплауз од нога го испратија македонскиот премиер Зоран Заев, кој одржа говор пред нив.
На пленарната седница на ЕП беше и високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини, која денеска по оваа седница ќе долета во Скопје на средби со државниот врв и со опозицијата.
Заев доби аплауз и во текот на својот неколкуминутен говор.
Тој зборуваше за перспективите на Македонија, за договорот со Грција, претстојниот референдум и за реформите поврзани со интеграцијата на земјата во Европската унија. Ова беше прво обраќање на македонски премиер на македонски јазик.
На крајот многумина му честитаа, имаше прегратки, бакнежи и селфи.