Апелацискиот суд во Скопје денеска на јавна седница ќе ги разгледува жалбите за притворот на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков. Тој доби притвор по барање на СЈО откако беше донесена првостепената пресуда за „Титаник 2“, каде доби затворска казна од три години.
Обвинителите побараа притвор поради опасност од бегство, а тогаш Мијалков, пак, им посочи на судиите дека стилот на неговото живеење не е бегањето.
– Да направиме ретроспектива на изминатата година и пол, може да заклучиме дека со моето однесување не сум дал ниту една индиција дека ќе избегам. Со бегање проблемите не се решаваат. Стилот на моето живеење не е бегањето. Ако Апелација ја потврди пресудата јас ќе ја издржам казната – рече Мијалков.
Покрај него, притвор по изрекување на пресудата доби и поранешниот член на ДИК од редовите на ДПА, Бедретин Ибраними кој беше осуден на највисока затворска казна од четири години и шест месеци.
Мендух Тачи, пак, доби три години и два месеци.
Другите обвинети поранешни членови на ДИК Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев добија по три години затвор.
Предметот „Титаник 2“ се однесува на договарање за прифаќање приговори на ВМРО-ДПМНЕ во ДИК со кои се овозможило втор круг гласање на локалните избори во Струмица во 2013 година.