Во Апелацискиот суд во Скопје за денеска е закажана седница на која ќе се разгледуваат жалбите за пресудата во случајот „Труст“ на СЈО, по што второстепениот суд треба да се произнесе за казните на обвинетите.
Со првостепената пресуда од Кривичен суд на шест години затвор е осуден Сеад Кочан, а на три Василије Авировиќ, син на пратеничката Владанка Авировиќ.
Судечкиот совет во скопска единица во јули лани на чело со судијката Лидија Трајковска Зимбовска досуди и парични казни за фирмите чиј претставници се тие, „Трансмет“ ДОО Скопје и „Силекс неметали СТ“. Фирмите, според пресудата, треба да платат казни од по два милиони денари (околу 32.000 евра), а ќе им се конфискува и имот во иста вредност како направената штета – околу 17 милиони евра.
Според обвинението за овој случај, СЈО ги товари дека со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.