Апелацискиот суд во Скопје делумно ја потврди затворската казна на ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, за случајот „Тенк“ и ѝ ја намали од шест на четири години затвор.
– Апелациониот суд Скопје известува дека, постапувајќи по кривичниот предмет во јавноста познат како „Тенк“ , по одржана јавна седница, донесе пресуда со која жалбите на обвинетата Г. Ј. од С., делумно ги уважи на начин што ја преиначи првостепената пресуда во делот на одлуката за казната и обвинетата ја осуди на казна затвор во траење од четири години. Апелациониот суд Скопје во останатиот дел првостепената пресуда во целост ја потврди – велат од Апелација.
Со ова пресудата станува правосилна, но Јанкулоска има право да побара одложување на казната додека нејзиното дете не наполни една година, а тоа е до крајот на јуни годинава.
Заедно со Јанкулоска на обвинителка клупа во овој случај седеа и поранешниот премиер, Никола Груевски, и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски, но поради ризичната бременост, за неа постапката се раздвои.
Груевски и Поповски веќе се правосилно осудени: експремиерот на две години, а поранешниот функционер во МВР на четири години и шест месеци. Поповски се наоѓа во затвор, а Груевски избега во Будимпешта, Унгарија, каде и побара азил.