Обвинителката Вилма Русковска се очекува денеска во Кривичниот суд во Скопје конечно да ги каже завршните зборови за случајот „27 април“ кој се однесува на терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Меѓутоа, нејзиното излагање ќе биде пред преполовена обвинителна клупа бидејќи 15 обвинети од вкупно 33 се спасија со Законот за амнестија кој пред Нова година го донесоа пратениците во Собранието.
По денешното излагање на Русковска, на наредните рочишта завршни зборови ќе дадат адвокатите и обвинетите, по што наскоро ќе следува и пресудата на судечкиот совет со кој претседава судијката Добрила Кацарска.
Рочиштето за заврши зборови досега беше одложувано неколку пати бидејќи се очекуваше решенијата за амнестија да станат правосилни за сите обвинети односно Апелацискиот суд во Скопје требаше да се произнесе за жалбите на оние обвинети на кои првостепениот суд им ги одби барањата.
Проширување на листата од 15 амнестирани во овој случај нема бидејќи Апелација им ги одби жалбите на сите.
Тоа значи дека денеска од обвинителна клупа завршните зборови на Русковска ќе ги слушаат вкупно 17 обвинети.
Од нив 12 бараа амнестија, но не добија: Горан Јошевски – Леви, Александар Василевски-Нинџа, Горанче Ангеловски – Ќосето, Никола Митревски – Кољо, Абдуљфета Алими, Митко Пешов, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Младен Додевски, Вилијам Михајловски, Влатко Трајков и Оливер Поповски.
Другите петмина, пак, воопшто и не побараа да бидат амнестирани: Игор Дурловски, Митко Чавков, Душко Лазаров, Јане Ченто и Игор Југ.
Во овој предмет обвинет е и Сашо Марковски, вработен во УБК, но на него му се суди во одделна постапка бидејќи во текот на судскиот процес му се влоши здравствената состојба. Тој бараше амнестија, но не доби.
Инаку, меѓу 15-мината кои добија амнестија се пратениците: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски; водачите на протестите „За заедничка Македонија“: Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен и Владо Јовановски; како и: Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски.